Шарлиз Терон не се плаши искрено да зборува за радостите и предизвиците што ги носи мајчинството. Со текот на годините таа почна отворено да ги кажува своите ставови во врска со воспитувањето на нејзините две посвоени деца, Џексон и Август.
Од менталното здравје до воспитувањето две деца, овие нејзини цитати за родителството опфаќаат многу аспекти на грижата за децата.

За воспитувањето две деца
-Ги правите истите работи. Покрај сето тоа, мора да бидете вистинска личност за ова мало суштество што многу очекува од вас. Имаше моменти кога беше претешко и мислев дека не можам да успеам.

За родителите што имаат опсесивно-компулсивно нарушување
-Треба да се работи на тоа. Малку сум подобра. Моите деца дефинитивно ми помогнаа да бидам помалку загрижена за многу работи.

За љубовните состаноци како мајка
-Откако ќе добиете деца, тоа сте вие. Првите две-три години се претворате во вистинска мајка. Вашето тело се исклучува. Немав никаква желба за љубов или за состаноци.

За совршениот родител на „Инстаграм“
-Овој инстаграм-свет во кој мајките изгледаат прекрасно во бикини два часа по породувањето? Можам да речам дека секој изгледа убаво кога ќе помине низ филтер.

За губењето на разумот (понекогаш)
-Мислам дека секој совет од мајка ми беше навистина добар. „Знаеш, утре ќе биде нов ден. Не е крај на светот“, ми велеше таа. Понекогаш го губам умот, особено кога сме во автомобилот, кога сме на патување или слично.

За изборот да биде самохрана мајка

-Не се обидувам да докажам нешто или да станам симбол. Едноставно тоа е начинот на кој работите испаднаа. Кога посвојувате дете, мора да го направите тоа безусловно. Се одлучив да влезам во процесот на посвојување бидејќи бев убедена дека можам да ја исполнам улогата на мајка и на моите деца да им ја дадам сета љубов. Никој не се стреми да биде самохран родител, но одамна научив дека не можете да контролирате сѐ во животот. Се адаптирав на ситуацијата бидејќи сум прагматична.

За тоа како да не воспитува лоши деца

-Се сеќавам дека еден родител ме критикуваше затоа што им давав адаптирано млеко на моите деца. Многу пати оние што не се родители се подготвени да ви дадат совет. Луѓето ви кажуваат дека откако ќе имате бебе, природно е да знаете што треба да направите. Кога ќе кажете нешто искрено, на пр., колку е тешко, тоа доаѓа со срам – а не треба. Колку повеќе зборуваме за тоа и споделуваме искуства едни со други, толку помалку ќе се чувствуваме осамени во целата работа.

За станувањето мајка

-Сѐ се промени! Одамна сакав да станам мајка. Долго копнеев по мајчинството. Не е лесно да посвоиш, дури и кога си славна личност. Но кога ги зедов моите деца в раце, бев посреќна отколку што си замислував дека ќе бидам. Мајчинството е извор на радост секој ден, нешто посилно од сѐ друго, помоќно од мојата кариера.

За подигнувањето браќа

-Јас сум единствено дете, така што не пораснав со браќа и сестри и немав поим за убавината што ја носи таквата средина. Тоа е една од најневеројатните работи што некогаш сум ги видела. Да се види колку многу се сакаат и колку се возбудени кога ќе се видат, е навистина прекрасно.

За тоа како родителството променило сѐ

-Долго време чекав да станам мајка. Тоа ги надмина сите мои очекувања. Прекрасно е чувството да го држите детето в раце и да можете да го гледате како расте и го открива светот. Целосно ми го промени светот. Кога немав деца, работата секогаш доаѓаше на прво место. Имав слобода да заминам и да патувам три-четири месеци. Но иако не можам да го правам тоа повеќе, среќна сум што го поминувам времето со моите деца. Секој ден се будам и мислам за денот што ќе го поминам со нив и како да ги усреќам.

За нејзиното нетрадиционално семејство

-Толку многу се ограничуваме со нашите размислувања за мајка и татко и за тоа како треба да изгледа семејството, што ги занемаруваме другите врски, на пр., бабата и дедото со детето, со внучето. Мислам дека моите деца ќе пораснат во одлични момци.

За храброста да се биде родител

-Воспитувањето деца не е гледање низ очила во розова боја. Потребна е вистинска храброст.

За тоа дека е пример за нејзините деца

-Сакам да им бидам пример на моите деца. Сакам да пораснат со мајка и кога ќе го разгледаат мојот живот со сите грешки и неуспеси и сите недостатоци, да кажат: „Мајка ни живееше автентичен живот. Тоа беше животот што таа сакаше да го живее“.

За вистината во врска со воспитувањето и подигнувањето деца
-Интересно е тоа што живееме во време кога споделуваме сѐ, а сепак сѐ уште постои стигма за тоа колку е тешко да се воспитуваат и подигнат децата.



912

X