Утрово почнаа со работа установите за згрижување и воспитување на децата согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија на коронавирусот. Сите установи во земјава согласно протоколите имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска беше во посета на градинката „Буба Мара“ во Општина Аеродром.

– Сите чинители што се вклучени во синџирот за безбедност на децата во градинката треба да покажат максимална одговорност, почнувајќи од градинките, вработените во градинките, воспитувачите и негувателите, персоналот, родителите кои ги носат и ги земаат децата и ние како Министерство за што побезбеден престој за најмалите – рече Шахпаска.

Фото: МТСП

Таа појасни дека протоколот за заштита многу јасно ги одредува обврските на сите. Во групите од 0 до две години треба да бидат сместени до шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, а во поголемите групи од две до шест години најмногу 15 деца за кои, исто така, се грижат двајца – воспитувач и негувател.

– Процените на МТСП се дека согласно протоколот, во градинките има место за повеќе од 19.000 деца. Предност имаат деца на самохран родител или родители што работат, а двајцата мора да се на работното место. Има место за повеќе од 4.000 деца. Апелирам до сите чинители што се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 кај детето да алармираат. Министерството за здравство донесе посебни протоколи и алгоритми со постапки според кои се постапува со децата кои се сомнителни на Ковид-19 – рече Шахпаска.

Таа апелираше воспитувачките и учителките да седат цел ден во својата група, да нема групирање за пиење кафе за да се заштитат сите од ширење на болеста.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е вистина дека една градинка во Свети Николе не почнала со работа утрово поради сомеж за случај со Ковид-19, таа рече дека нема таква информација, но доколку градинката не била отворена од таа причина, тоа значи дека се почитуваат мерките и протоколите.

– На последниот состанок со директорите на градинките во петокот сите покажаа подготвеност да почнат со работа. Ова е нов момент. Доколку се работи за сомневање за инфекција со Ковид-19, тоа што таа градинка не била отворена укажува на одговорност. Значи, ова е тоа за што зборуваме. И за еден сомнителен случај треба да направиме процена дали би стартувале со работа – рече министерката за труд и социјална политика.



912

X