Градинките во земјава се отвораат на 9 септември, а приоритет за упис имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители. Сите што имаат можност да ги згрижат децата на друг начин, да не им ги зафаќаат местата на оние на кои тоа им е реално потребно. Ова го побара министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која одржа заедничка прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче.

– Сите градинки во државата имаат капацитет да згрижат вкупно 19.000 деца, но интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца. Останува можноста ако градинките имаат повеќе слободни места, тогаш да прифатат и други деца. Децата ќе бидат згрижени во градинките и ќе бидат безбедни – рече министерката.

Таа појасни дека доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, тогаш можат да прифатат други деца што се запишани во градинката. Согласно протоколите, групите до 2 години треба да имаат максимум шест деца за кои ќе се грижат двајца вработени, а групите од три до 10 години најмногу 15 деца за кои ќе се грижат двајца вработени.

Шахпаска информира и дека Владата им препорачала на општините да обезбедат или адаптираат дополнителен соодветен простор ако за тоа има потреба, како и соодветен кадар за времетраењето на пандемијата ако градинката има потреба, со цел, како што рече, да се обезбеди непречено функционирање.

Според Шахпаска, доколку во една градинка е исполнет капацитетот, детето може да биде згрижено во друга градинка каде што има слободно место, но само во рамките на иста општина.

Министерот Филипче ги повтори протоколите согласно кои ќе се изведува процесот на згрижување и престој на деца во градинките.

– Секоја градинка мора да обезбеди маски за вработените, средства за хигиена и за дезинфекција. Проветрувањето на просториите е задолжително. Престојот на децата да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт. Игрите да се на отворено и во помали групи. Приемот на деца да биде со 10 минути временска разлика на влез, а детето го спроведува еден родител кој задолжително носи маска. Лицата што доставуваат храна задолжително носат маска и ракавици – рече тој.

Децата ќе јадат во својата занимална, а масите претходно ќе се дезинфицираат. На прием на секое дете ќе му се мери температура а по влегување ги мие рацете. Растојанието меѓу масите на децата е од 1,5 до 2 метра.

Децата ќе спијат во единечни кревети, обележани со името на детето. Групите до две години да имаат максимум по шест деца, а над две години по 15 деца. Секој родител треба да достави потврда од матичен за здравствената состојба на детето. Играчките нема да смеат да се мешаат меѓу групите со деца.

Ако родителот забележи појава на симптоми кај детето, не треба да го носи во градинка, туку да го контактира матичниот педијатар. За следно вклучување во градинка, родителот мора да донесе потврда од матичен лекар. Ако некое дете развие температура, ќе биде изолирано во посебна просторија, по што се известува родителот. Се известуваат за симптомите и епидемиолошката служба и педијатарот на детето. Децата, учителката, негувателката, евентуално позитивното дете, блиските контакти, според процената, ќе одат во изолација. За состојбата и преземените мерки се известуваат Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Потоа се организира дезинфекција на градинката, а детето продолжува во домашна изолација, здравствената состојба му ја следи матичниот лекар. Ако треба да се хоспитализира, тоа ќе се прави во болницата во Козле, како и во другите болници низ државата. Детето што било сомнително, а е негативно, продолжува да си оди во градинка со потврда од матичен лекар.

Министерот Филипче порача сите да внимаваат за да не се дозволи трансмисија на вирусот. На новинарско прашање дали тој ќе го пушти своето дете на училиште, кажа дека тој како родител ги почитува сите препораки.

– Целта е да не дозволиме трансмисија на вирусот. Моето дете е во погорните одделенија, односно е деветто одделение и треба да следи онлајн-настава. Јас лично ги почитувам сите препораки. Кога ќе има услови за физичко присуство, тогаш ќе оди на настава. Има и деца кои за време на дружбите користат маски, па ги охрабрувам и другите да го прават истото – рече Филипче.



912

X