Воспитување

Секојдневните лаги што си ги кажуваат мајките кои остануваат дома

Често пати бараме бескрајни изговори, расудувања, даваме уникатна логика и си кажуваме лаги себеси (и на другите луѓе) секој ден за тоа како и зошто сме исклучоци од многу општествени норми.

„Јас сум премногу зафатена како мајка која седи дома за да може да го прави тоа во текот на денот“.

„Луѓето треба да разберат бидејќи јас сум мајка која седи дома“.

Сето тоа е лага. Навистина е.

Моментално и јас сум мајка која седи дома. Моите деца одат на училиште (на возраст од 11 и 8 години), па иако имам повеќе време во текот на денот да ги завршам работите, за разлика од мајка со 2 мали деца дома, разбирам дека некогаш сум била и мајка која останувала дома со новороденче и дете од 2 и пол години, па потоа со 1-годишно и 3-годишно дете, па со 2-годишно и 4-годишно дете. Така што, знам и јас сум поминала низ сето тоа.

Со текот на годините слушнав многу работи од други мајки кои остануваат дома, а сум била сведок на работи што сум ги видела со свои очи. И како жена која го живеела овој живот и сè уште го живее, да, чувствувам дека сум и повеќе од квалификувана за да го изразам моето мислење на оваа тема.

Имајте на ум дека овие работи се однесуваат на мајките кои остануваат дома, без олеснителни околности. Мајките со близнаци, тројки или повеќе деца кои се на иста возраст – се ослободени од тоа што ќе го кажам. Мајките со деца над 4 години – делумно се ослободени. Мајки со деца со посебни потреби – ослободени. Мајки кои подучуваат дома – се ослободени. Сите вие сте под огромен стрес, па моето срце е со сите вас.

За другите, подгответе се: Сигурна сум дека нешто од оваа листа некому ќе му влезе под кожа.

Ова се шестте лаги кои секој ден си ги кажуваат мајките што остануваат дома:

„Нема потреба да се туширам“.

Сум го слушнала ова многу пати досега. „Јас сум само мајка која останува дома да се грижи за децата, не треба да се туширам секој ден“, или уште полошо, „Јас сум мајка која седи дома и се грижи за новороденче/малечко/тинејџер – немам време да се туширам во текот на денот“.

Дами, редовното туширање прави да се чувствувате како луѓе. Ве ревитализира и ви овозможува за само 10 минути да се наполните повторно со енергија. А ако имате 1 дете дома, имате време да се истуширате. Детето на крајот ќе спие, па дури и ако треба да почекате да легне навечер или да поставите аларм 10 минути порано наутро, можете да си го олесните туширањето како процес. Направете го тоа за себе. Направете го тоа за да го научите вашето дете (децата) на добри хигиенски навики.

„Не е важно како изгледам, јас сум само мајка која останува дома“.

Драги мои, треба да се грижите како изгледате. Премногу пати сум видела мајка со лош изглед во продавница, децата „висат“ на неа, а таа облечена во кошула и извалкана од повраќаници и со дупнати панталони. Не бидете таква мајка. Не велам да станете домаќинка од 50-тите чија коса е совршена, шминката е совршена и која носи фустан и штикли додека го брише подот. Но, гордејте се со својот изглед. Откако ќе се истуширате, одвојте 5 минути за да облечете чиста облека и повторно да се чувствувате женствено.

Речиси веднаш се потсетувате дека сте убава жена која е мајка, но тоа не е единствената ваша улога. Повторно го вдишувате животот во себе, повторно се враќате на вашиот љубовен живот и како резултат на тоа, вашите деца ве добиваат во позитивна верзија. Тоа е вин-вин ситуација.

„Немам време за тоа, јас сум мајка која останува дома“.

Освен ако не ве прашале да подготвите оброк од 7 јадења за вкупно 25 гости, голема е веројатноста дека имате време за што и да е ако сте мајка која останува дома. Јас лично открив дека во просек губам 2-3 часа дневно не правејќи ништо, правејќи нешто бескорисно или едноставно постојано правам работи поради нерационализирана рутина. Сега, не велам вашиот ден да биде полн со активности, но сериозно одвојте време да го анализирате вашиот ден и да видите дали има работи што ги правите, а кои повеќе не ви требаат, или пак има нешто што сакате да го правите, а не го применувате.

Но, да му кажете на некого дека немате време за нешто затоа што „цел ден трчате по 2-годишно дете“, тоа е лага, и вие го знаете тоа.

„Добро сум. Не ми треба време одвоено од семејството бидејќи тие се сето она што ми треба за да бидам среќна“.

Знаеме дека го сакате вашето семејство. Знаеме дека ги обожавате вашите деца. Но, секоја мајка, исто така, знае дека семејството и децата ѝ предизвикуваат стрес. Сепак, имам слушнато од многу мајки кои остануваат дома да се грижат за децата дека не им треба време поминато надвор од дома или дури и дека немаат потреба од пријатели.

Тоа е лага и вие го знаете тоа.

Ако ви треба време поминато подалеку од вашите деца, тоа не ве прави лоша мајка (освен ако не планирате да заминете и никогаш да не се вратите). Тоа ве прави неверојатна мајка што ги знае своите граници и не ги наметнува на штета на себе или на своето семејство.

Затоа, имајте неколку пријатели, излезете и напијте се кафе и не чувствувајте вина поради тоа. Вие го заслужувате тоа и сте го заработиле.

„Да се биде мајка која останува дома е многу стресно“.

Исцрпувачко, да. Фрустрирачко, да. Стресно, не толку.

Јас сум таква мајка сега и бев таква во минатото, но исто така бев и вработена мајка. Јас бев самохрана вработена мајка. Јас бев невработена самохрана мајка. Јас бев мајка која работи дома. И да ви кажам, да се биде мајка што останува дома е најмалку стресно од сите други опции што ги наведов.

Требаше да се распадне мојот брак и да станам друг тип на мајка за да сфатам дека да се биде мајка што останува дома е ништо страшно во споредба со другите алтернативи. Да, вие сте околу вашето дете (децата) по цел ден, што може да биде заморно, но барем сте околу нив и не поминувате 8 часа работејќи на работно место за да се вратите дома и да ги најдете вашите деца како веќе спијат, а вие немате поим како им поминал денот.

Повеќе од веројатно е дека ќе бидете тука за нивните први чекори, нивните први зборови, нивниот прв рецитал на пијано, наместо да одлучувате дали можете да си дозволите да го искористите боледувањето што сте го зачувале, дали можете да ја прескокнете работата и да бидете сведок на тие моменти. И што е најважно, имате голема контрола врз тоа што (или кој) влијае врз вашите деца, наместо да не знаете дали тие го научиле „тоа изразување“ од училиште, од дневен престој или од дадилката која има повеќе контакт со вашето дете отколку вие. Бидете благодарни што сте мајка која останува дома. Сигурна сум дека самите сте одлучиле да бидете тоа, па прифатете се и видете колку е сето тоа позитивно – и колку сте среќни. Тоа навистина е благослов.

„Нема потреба да ја чистам мојата куќа затоа што децата прават неред повторно“.

Оваа лага е една од моите омилени. Секогаш кога ќе го слушнам ова, сакам да одговорам: „Значи, дали не се грижите за појадокот затоа што децата повторно ќе јадат на ручек?“

Децата се едно огромно торнадо, кога зборуваме за правењето неред. Ова е вистината. Па да не ја исчистите куќата затоа што децата повторно ќе направат неред е бесмислено.

Научете ги вашите деца како да чистат додека вие се трудите да одржувате ред и оставете ги нека ви помогнат. Дури и 18-месечно дете може да ги стави своите коцки назад во корпата. Не велам дека вашата куќа треба да биде беспрекорна, но потребни се само неколку минути за да ги ставите играчките на децата во корпата.
Кога моите деца беа помали, да, прилично брзо сфатив дека чистењето додека се будни е губење време. Напротив, додека беа будни ги мотивирав да ми помогнат.

Откако ќе завршевме со тоа и тие ќе отидеа на спиење, јас седнував на каучот и правев што сакав до крајот на вечерта, или само се упатував во кревет.

Додека многу мајки кои остануваат дома ги рационализираат горенаведените лаги, мислам дека е време да се запре сето тоа. Време е да се најдете себеси, вашето време и вашиот идентитет и да почнете да гледате на ова искуство како на една прекрасна, позитивна работа. Време е да престанете да ги користите вашите деца или вашата улога како мајка која останува дома како изговор – и да почнете да го прифаќате фактот дека ќе можете да го воспитувате сопственото дете. Толку многу луѓе во денешно време не можат да го кажат истото. Мора да работат за да сврзат крај со крај. Значи, ако сте доволно среќни да бидете мајка која останува дома, тогаш престанете да се однесувате како да е тоа трагедија.

И најважно, запомнете дека сте жена пред да бидете мајка. Ако не се грижите за себе, тогаш не можете правилно да се грижите и за вашето дете. Затоа, внесете се во вистинската рамка на умот, грижете се за себе физички, ментално и емоционално и ќе видите позитивна промена кај себе и вашето семејство.

Автор: Морган М

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top