На жените денес им е прилично тешко да ги извршуваат сите обврски што секојдневно им се на грб. Дури и ако мајката е вработена, поголемиот дел од обврските дома и околу децата најчесто ги завршува таа. За многу од нив тоа е тест на издржливост. Институтот за истражување на пазарот во Германија – „Рејнхолд“ сакал да истражи како балансираат мајките помеѓу обврските во семејството и обврските што ги бара кариерата. Резултатите се интересни: поголемиот дел од мајките се чувствуваат како да се самохрани родители и покрај физички присутниот партнер.
Оваа студија отворила неколку интересни социјални теми за кои жените често зборуваат меѓу себе. Врз основа на одговорите од 1.000 жени помеѓу 20 и 50 години, експертите од институтот заклучиле дека на мајките воопшто не им е лесно.
Девет од десет жени се чувствуваат како главен шеф во своето семејство. По работата малку од нив се одмораат бидејќи новата работа почнува штом ќе влезат дома. Без разлика дали се работи за грижата околу децата и околу домашната задача или домашните работи, како што се готвењето, перењето облека, пеглањето… жените не застануваат. Изненадувачки е тоа што секоја втора има грижа на совест и си го наметнува притисокот дека не е доволно добра бидејќи ги запоставува своето семејство, децата, сопругот и пријателите.
Секоја втора мајка (51 отсто) побрзо сама ќе заврши некоја задача отколку за тоа да мора да се расправа со сопругот. Две третини од испитаничките (69 отсто) чувствуваат дека се присилени да им бидат и мајка и татко на децата. А една третина (32 отсто) се чувствуваат како да се самохрани родители и покрај партнерите или, пак, ги сметаат за уште едно дете за кое треба да се грижат (33 отсто).
Дека на жените во Германија не им е лесно, покажува и фактот дека повеќе од две третини (68 отсто) од испитаничките тврдат дека секогаш даваат 120 отсто од себе. Дури 46 отсто признаваат дека поради обврските во денот, за нив не останува ни малку време. Само 4 отсто од жените можат да се смират дома и ништо да не прават. Но, свесни се истовремено (86 отсто) дека и на семејството би му дошло добро кога тие би направиле нешто само за себе и дека жените би можеле и самите малку да си го олеснат животот. Но, желбите и реалниот живот не одат заедно.