Постојат парови кои на крајот од работната недела едноставно сакаат да имаат време за себе. Затоа, ако имаат можност, децата ги испраќаат кај бабата и дедото на чување. Тоа го прават секој викенд, сметајќи дека и ним ќе им биде драго што ќе имаат два дена на располагање за дружење со внучињата.

Но, постојат и родители кои го осудуваат таквото однесување. Сметаат дека е во ред да се побара помош од бабата и дедото кога некаде треба да се оди, но тоа да се случува секој викенд е претерување, односно искористување. Исто така, се поставува прашањето зошто родителите, кога викендот им е единственото слободно време, не го поминуваат со своите деца: зошто не планираат излети, кратки патувања, посета на театар, прошетки, одење на сладолед и слично? Колку тие родители се посветени на своите деца ако секој викенд ги праќаат надвор од дома?

 

Една британска веб-страница спровела истражување на оваа тема меѓу своите читатели. Тие го мислат следново:

– Баба и дедо што можат да бидат со внуците од петок навечер до недела наутро? Па тоа е фантастично!
– Прекрасно е кога бабите и дедовците имаат привилегија да поминуваат време со своите внучиња. Би сакала и моите деца да ја имаат таа шанса.
– Некои баби и дедовци не успеале да бидат до своите деца додека тие растеле поради работни или други обврски. Затоа, кога ќе добијат внуци, сакаат да помогнат колку што можат повеќе. И мислам дека тоа е во ред. Кога јас ќе имам внучиња, би сакала да бидам со нив колку што може повеќе.
– Мојата мајка обожава да ги чува моите деца. Не се кај неа секој викенд, но навистина често ги чува. Кога ќе се случи да не ѝ ги однесам одредено време, веднаш се јавува и прашува кога ќе дојдат.
– Мојата мајка уште работи и сака кога ѝ ги носам децата за викенд. Тогаш е единственото време кога може да биде со нив.
– Секое семејство е различно. Сакам да ги испратам моите деца за викенд кај баба и дедо. Тогаш можам добро да се наспијам. Но, баш секој викенд е пречесто. За секој од нас.

Додека голем дел од родителите ја поддржувале идејата за викенд кај баба и дедо, други имаат забелешки:

– Што значи ова, дека моите родители никогаш нема да имаат време за себе?
– Кога имате деца, имате и одговорности. А тие одговорности не завршуваат за време на викендот.
– Бабата и дедото си ги одгледале своите деца, не мора и туѓите.
– Тоа се семејства кои очигледно имаат силен систем на поддршка од бабата и дедото и тоа е супер. Но, зошто воопшто да имате деца ако не сакате со нив да поминете ниту еден викенд?
– За мене викендот е време за поминување со семејството. А тоа ги вклучува и децата.
– Тоа е прилично екстремен потег. Тоа е како да треба децата некако да се вклопат во нашиот живот, а не ние да го приспособиме животот на нив.

На крајот на краиштата, немаат сите еднакви можности, па оние на кои бабата и дедото не им се во близина или не сакаат да ги чуваат децата се противници на ова викенд-решение. Другите што уживаат во дводневната слобода си ги бранат своите ставови и тврдат дека од тоа сите имаат корист. Кое е вашето мислење?



912

X