Битки за место плус, па уште и бркање врски за упис на дете, е проблем кој секој септември ги мачи родителите. Листите за чекање не се намалија. Во една градинка има дури над 300 деца што чекаат да бидат примени

Пандемијата го продлабочи проблемот за упис на децата во градинките што постои со децении.
Битки за место плус, па уште и бркање врски за упис на дете е проблем кој секој септември ги мачи родителите.
Листите за чекање не се намалија. Во една градинка има дури над 300 деца што чекаат да бидат примени.
До слободно место за упис на дете кое досега не ја посетувало градинката може да се дојде само ако претходно родители го отстапат местото за друго дете.

Владата на 1 септември годинава го дополни протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми бројот на деца од 21 на 25 деца. Во соопштението се наведува дека ова важи само за големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.
Оттаму посочија и дека по завршувањето на овој период ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата.

Колку ова може да го растовари метежот, дали сите запишани деца посетуваат градинка или, пак, некои родители ги чуваат местата? Има ли начин да се најде одржливо решение за овие проблеми?

Многумина од родителите веќе тргнаа на работа и не можат да работат од дома и немаат опција каде да го згрижат детето.
На социјалните мрежи ги упатуваат своите жалби.

– Ако за време на пандемија се снаоѓавме и се менувавме кој да го чува детето, сега веќе тоа не е возможно – вели една мајка.
Други, пак, држат место иако децата им седат дома со месеци зашто велат дека пандемијата е непредвидлива и не сакаат да ризикуваат да ослободат место.

– Како да го отпишам детето од градинка кога не знам што ќе се случи. Можеби ќе работам од дома, а можеби не. Сè е неизвесно и морам да имам опција за чување на детето – посочува друга мајка.

Интересот е голем, се прават анализи

Елена Устамитова, директорка на градинката „Буба мара“ во скопски Аеродром, вели дека постојано се во контакт со родителите и гледаат на сите да им излезат во пресрет.
– Овој период ја разгледуваме состојбата, ги контактираме родителите на пријавените деца на листите на чекање. По 15 септември повторно ќе направиме анализа колку деца од примените ќе ја посетуваат градинката, па ќе правиме конечна селекција за примање нови деца – заклучи Устамитова.

Гзиме Бакиу, директорката на градинката „Фидани“ во скопската населба Чаир, вели дека веќе е пополнет бројот на деца во сите групи, но очекуваат овој месец да се искристализира состојбата.

– Интересот за упис на деца е поголем од лани. Приоритет имаат оние деца чии двајца родители се вработени, но и тие се многу. Бројот на деца во групите иако е поголем, сепак, е намален од претходно. Овој месец ќе се прецизира состојбата, ќе видиме кои родители ќе продолжат да ги носат децата, а кои ќе се откажат. Тогаш можеби ќе имаме простор за упис на нови деца – посочува директорката Бакиу.

Потреба од повеќе нови градинки

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека во земјава згрижувачко-воспитната дејност се реализира во вкупно 77 јавни установи за деца со 322 објекти.

– Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување деца усвоен од страна на Владата, во рамките на детските градинки можат да се згрижат вкупно 27.460 деца. Согласно последната информација, бројот на дневно присуство на згрижени деца на ден 7.9.2021 година изнесува 17.499 деца, со тоа што овој податок се менува секој ден – соопштуваат од ресорното министерство.

Според последната изјава на Јагода Шахпаска, министерка на МТСП, за само 10 месеци се отворени 15 нови градинки, со што капацитетот е зголемен за 1.150 деца.
Очекува до крајот на оваа година да бидат отворени уште 10 нови детски градинки.
– Остануваме да работиме на крајната цел, а тоа е зголемување на процентот на опфат на деца во предучилишните установи на 60 отсто, односно дополнителни 7.500 деца во градинките – потенцира министерката.



912

X