Да ви кажам право, многу ми е жал што кај нас немаме официјално некој книжевен празник, па да можеме да го прославиме како што доликува – со читачки седенки, со нешто што е препознатливо за авторот, со драматизации, маскенбали и сл. А има(ме) толку многу наши писатели и поети со огромен придонес, но и недомашни автори кои пишувале така што да ги разберат на сите меридијани на светот…
За среќа, некои вакви празници не остануваат незабележани кај нас.
Во саботата, на 15 септември, во книжарницата Литература.мк се прослави денот на писателот за деца Роалд Дал. За да нема забуни, тој ден се чествува на 13 септември, но затоа што беше работен ден и бидејќи сите деца беа на училиште – прославата се помести за два дена. Немаше ни оправдано ни неоправдано отсутни, и затоа целиот настан помина славенички, како што е ред.

Инаку, кога ќе ја прочитаме биографијата на Роалд Дал, ќе ни заличи како да сме читале за лик од некој фантастичен роман. Првин, името Роалд го добил според првиот човек што допатувал до Јужниот Пол, четири години пред да се роди неговиот истоименик. Како ученик во училиште во Рептон, имал различни несекојдневни случки, меѓу кои и вкусување чоколади, нешто што му останало во трајно сеќавање. Освен тоа, му било и инспирација за неговото најпознато дело „Чарли и фабриката за чоколади“. Подоцна тој, како и многу други познати автори од тоа време, учествувал во Втората светска војна, во авијацијата на Велика Британија. По завршувањето на војната започнал неговиот исклучително креативен писателски период. Неговите детски книги се класици. Меѓу најпознатите се „ГДЏ или Големиот добар џин“, потоа, „Вештерки“, „Џејмс и џиновската праска“, „Дени, светскиот шампион“ и други. Денес, на секој 13 септември, светот го прославува раѓањето на големиот автор со пригодни настани во духот на неговите дела. И ние можеме да се пофалиме како едно од огромното мнозинство места што го слават неговиот роденден.
Јас веќе си ги набавив неговите книги што се преведени на македонски јазик и почнав да ја читам „Вештерки“. Иако уште на самиот почеток приказната навестува возбудливо читачко искуство, само ќе ви споменам дека всушност вештерките не биле тоа што досега сме мислеле дека се и дека постои начин како денес да препознаеме вештерка и чин на вештерката (зашто и кај нив постоела извесна хиерархија). Впрочем, овие вештерки не се како оние од приказните. Овие да ти биле вистински вештерки?! Ајде, одам да откријам што значи тоа!
До следната средба – можете и самите да си прогласите празник на некоја книга или писател или писателка, така што ќе споделите приказна, ќе разменете книга со некое ваше другарче или ќе позајмите од библиотека. Уште еден предлог – на посебно ливче хартија можете да им оставите порака на идните читатели, за тоа што ви се допаднало во книгата што сте ја зеле од библиотека. Со тоа сте направиле едно големо добро дело!
Наместо поздрав – ви споделувам линк до официјалната страница на Роалд Дал. Таму живее забавата!



912

X