Недостига чувството кога ја имате кредата в рака, цртате со срце, објаснувате и моментот кога ќе го забележите оној сјај во детските очиња кој вели дека ве разбрале. Тоа задоволство онлајн-наставата не ви го дава. Она што ќе ми остави трага од ова искуство е – недореченоста, неостварените и планирани активности со моите ученици – вели наставничката Ана Видоевска-Динева

Светот на образованието е пред раскрсница. Еден пат води кон свет и систем стар 200 години, со прашлива табла и креда. Другиот пат води кон нови идеи и императиви. Една стара кинеска поговорка вели: Најдобро време да засадиш дрво беше пред 20 години. Дојде времето на промени и експериментот во кој учествуваме денес ќе го промени нашето училиште и образованието, смета Билјана Црвенова, наставничка по англиски јазик во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје.

Што најмногу им недостига на наставниците од наставата во школските клупи? Но, и што ќе понесат со себе при евентуалното враќање во новата учебна година?

Црвенова вели дека вистинските промени се случуваат во време на огромна криза и дека се потсетуваме дека училиштето не е само место за учење, туку и место за социјализација, грижа и насочување, чувство на припадност во еден заеднички простор, а тоа е нешто што технологијата уште го нема понудено.

Анксиозноста, неизвесноста, стравот и изолацијата станаа поприсутни

Црвенова вели дека сценариото кое постојано се менувало во изминатите десетина недели барало голема флексибилност и од наставниците и од учениците.

Билјана Црвенова

Фрeнетичната брканица за пронаоѓање соодветна образовна платформа и процес кој ќе ги задоволи и нашите и нивните потреби бараше огромно трпение. Кои лекции ги научивме за време на карантинот и изолацијата? Истражувачите од Универзитетот во Пекинг тврдат дека онлајн-часовите помеѓу 15 и 30 минути се најефикасни. Ова нè тера на размислување за тоа колку се ефективни тековните модели на образованието. Анксиозноста, неизвесноста, стравот и изолацијата станаа поприсутни.  Затоа, се поставува прашањето дали правилата во училницата ги имаат предвид основните социјални и емоционални потреби на децата. Едно е јасно во оваа пандемиска бура. Поради итноста и околностите, многу од нас го градеа својот авион додека летаа. Бидејќи ние како едукатори се боревме низ таа транзиција од традиционално во онлајн-школство, во случај на повторно отворање на школите, подобро ќе знаеме да ги инкорпорираме алатките што ги совладавме изминатиов период. А дали училницата по пандемијата трајно ќе се промени поради нашите новостекнати искуства, останува да видиме – вели Црвенова.

Коронавирусот стана невиден тест за врската наставник-ученик. Преку екранот не може да се види чувството на осаменост и тага на едно дете бидејќи социјалниот аспект што го дава училиштето е изгубен, посочува наставничката.

– Интеракцијата лице в лице, преку која градевме еден однос со учениците, е незаменлива. Најтешкиот дел од сето ова патешествие е што тој изграден однос на доверба е заменет и значително намален преку едночасовна видеоконференција. Повеќе од јасно е дека нам, наставниците, ни недостига секојдневната рутина на неизбежниот хаос што малечките го носат на клупата. Се надевам дека кога сето ова ќе заврши, ќе погледнеме назад и ќе сфатиме дека бевме дел од најголемиот едукативен експеримент во историјата преку удобноста на нашите фотелји. Ковид-19 засекогаш го промени образовниот процес – завршува Црвенова.

Наставата во училница е настава во вистинска смисла на зборот

Ана Видоевска-Динева е наставничка повеќе од 25 години во скопското училиште „Вера Циривири-Трена“. Вели дека била затекната од целата ситуација. Како наставничка на петтоодделенци, жали што немала можност да ги поздрави и изгушка своите ученици и да им даде соодветни насоки.

– Kога работата ви претставува дел од животот, не ја доживувате како работа. Таа е вашиот живот. Затоа училницата, подучувањето и учениците се дел од мојот живот. Она што многу ми недостига се токму тие – моите ученици, разговорите со нив, дискусиите на одредени теми. Ми недостига моментот кога непосредно можам да им објаснам, да им укажам каде грешат, на што да обрнат внимание… Се снаоѓам во онлајн-наставата, но наставата во училница е настава во вистинска смисла на зборот. Наставникот најубаво се чувствува кога учениците го следат неговиот жив збор, учествуваат во часот и неретко несвесно го водат со своите идеи и размислувања. Недостига чувството кога ја имате кредата в рака, со срце цртате, објаснувате и моментот кога ќе го забележите оној сјај во детските очиња кој вели дека ве разбрале. Тоа задоволство онлајн-наставата не ви го дава. Она што ќе ми остави трага од ова искуство е – недореченоста, неостварените и планирани активности со моите ученици – вели Видоевска-Динева.

Според неа, позитивна страна биле онлајн-тестовите, кои ја олеснуваат наставата, како и вештините што ги стекнаа учениците во користењето на компјутерските алатки за да креираат презентации – вели наставничката од школото од Карпош 2.

Сите ги подобривме компјутерските вештини

Нејзината колешка од „Св. Кирил и Методиј“, Соња Кирковска, годинава ги учи децата од четврто одделение. Физичкиот контакт најмногу ѝ недостига и нејзе.

– Кога на учениците директно ќе им се објасни она што треба да го научат и од нив ќе се добијат одговори за сработеното, тоа е најреалниот начин на стекнување и примена на наученото. Училиштата се воспитно-образовен процес. Ние преку учењето на далечина имаме многу малку услови за да придонесеме во воспитанието. Социјализацијата, дружењето, игрите се еден од најважните сегменти во образованието, иако дел од нас, без разлика дали се родители или наставници, може да се каже дека и системски го ставаме во втор план. Учиме за оценка, бидејќи тие ни се потребни да се запишеме во посакуваното средно училиште, а потоа на факултет, а знаењата ги оставаме во втор план. Токму овој начин може да мотивира да учиме за оценка, а реалните знаења не сум сигурна дека можеме да ги утврдиме. Свесни сме дека многу домашни задачи ги работат родители, сестри или другарчиња – посочува Кирковска.

Таа е свесна дека и родителите се најдоа пред голем предизвик и дека воопшто не им е лесно кога треба да помогнат околу учењето, а притоа треба да одат на работа и да ги извршуваат домашните обврски. Затоа Кирковска се труди да биде максимално толерантна и отворена за соработка.

– Родителите ни беа огромна поддршка, максимално ги следеа упатствата, ни помагаа околу технологијата, доколку беше потребно… Можам слободно да кажам дека има ученици кои одлично се снајдоа и покажаа поголема заинтересираност за работа на овој начин, но имаше и одлични ученици што покажаа послаби резултати. Учењето на далечина има многу недостатоци, но сепак сметам дека во овој момент е најдобриот избор. Се обезбедија многу материјали за работа кои ќе ни бидат од голема корист во иднина и ќе можеме да ги применуваме кога ситуацијата ќе се нормализира. Интересно е и корисно класичната настава да се надополнува со ваков тип учење, а исто така ќе придонесе да им помогнеме на оние ученици што се подолго болни или се отсутни по која било основа да не губат од континуитетот во наставата – смета Кирковска.

Основно училиште „Вера Јоциќ“ (фото: Влада)

Една од позитивните страни е што сите чинители во образовниот процес ги подобривме компјутерските вештини и го прифативме предизвикот на 21 век. Пандемијата е тест за образованието во целост, додава наставничката.

– Многу наши активности како наставници им ги доближивме и на родителите. Целата наша јавност преку ТВ-училница имаше можност да види што учат нашите деца, што им е во програмите, дали тие се интересни, дали треба да се дополнуваат. Едноставно, образованието беше на дланка. Сите добија можност да видат каква е наставничката работа и колку е таа „лесна“. По сите овие предизвици што ги поминуваме, очекувам да им се врати достоинството на наставниците и малку повеќе да се почитува професијата учител.



912

X