Сака да биде врвен музичар кога ќе порасне. Дотогаш, освен што ужива во музиката, се радува и на дадените голови и кошеви со другарите, возењето велосипед, а и на понекоја видеоигра

Уште на 2-годишна возраст на Матеј Темелков речиси секоја минута од денот му била исполнета со тропање насекаде по дома, и тоа со фаќање и одржување ритам. Сега има осум години и за свирењето на тапани собира награди.

Матеј двапати ја освоил специјалната награда за ударни инструменти на Art in Skopje, во 2017 и 2018 година, а негово било и Гран при во категоријата инструментална изведба на Меѓународниот конкурс „Уметноста – наша инспирација 2018“. Најчесто свири класични композиции, се натпреварува и е член на Академијата Еуро – Арт.

– На две години, едно попладне Матеј беше внесен во тропањето на едно тенџере со две лажици во рака. Се внесов во неговото тропање и слушнав дека тој тропа ритмички, па по тоа заклучив дека поседува голем талент кон ударните инструменти – раскажува таткото Никола Темелков.

Првите тапани Матеј ги добил на 3-годишна возраст. Сега учи да свири со неговиот наставник по ударни инструменти – проф. Филип Крстевски во музичкото училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип. Свири на различни ударни инструменти (тарабука, народен тапан и акустични тапани…)

– Тапаните се инструменти што најмногу ме исполнуваат, ме прават среќен, но го сакам и свирењето на клавир – вели Матеј.

Со родителите и на настап во училиштето

Денот на третоодделенецот во „Тошо Арсов“ во Штип му е исполнет со активности. По училиште оди на часови по солфеж, теорија и тапани во музичкото училиште, потоа се враќа дома да учи и да пишува домашна, си игра со другарите и вежба тапани со татко му.

Со Филип Крстевски, наставникот по ударни инструменти

– Со другарите Матеј, Лука, Давид и Драган играме фудбал, возиме велосипеди, играме кошарка и честопати се собираме и играме плејстејшн. Најмногу сакам да играм Soccer 2019 на плејстејшн – вели Матеј.

Музичкиот талент веројатно му е наследен од родителите. А сака да биде врвен музичар кога ќе порасне.

– Сакам да правам чуда на тапани како што тоа го прави Гарабет Тавитјан-Гаро. Најмногу ме радува свирењето на тапани и кога ќе се вратам од натпревари со високи награди, сите другари од училиштето заедно со наставниците ми честитаат за постигнатиот успех. Тажен сум кога во доцните часови моите родители ме прекинуваат во вежбањето – додава Матеј.



912

X