Седумгодишната Меги Кузнија обожава книги и обожава да чита, но уште повеќе сака да ги споделува приказните што ги чита. Еднаш или двапати неделно ова девојче става неколку книги во својот ранец и се подготвува да ги посети постарите лица од старскиот дом во нејзиниот град во Минесота.

Со тоа што им чита книги на постарите лица што живеат таму, таа не само што ги подобрува вештините за читање туку и стекнува многу нови пријатели кои со нетрпение чекаат повторно да дојде.

Овој сладок подвиг започнал еден снежен ден. Мајката на Меги, Тифани Кузнија, работи како директорка во пензионерска установа и често ја носи својата ќерка со себе на работа. Додека малата Меги го пакувала ранчето, нејзината мајка ја потсетила да си го земе „нинтендото“. Но, Меги ѝ рекла дека имала други планови.

– Ќе земам книга и ќе им читам на пензионерите – ѝ рекла Меги на нејзината мајка.

Со текот на времето Меги им станала омилена, па дури има пензионери на кои редовно им чита. Читањето потоа води до боење боенки и решавање загатки со постарите пријатели, кои ја сметаат Меги за своја внука.

– Таа е толку добар мал читател. Бев наставничка во прво одделение и ги учев децата да читаат. Малку деца можеа да читаат како што чита Меги – вели една поранешна наставничка.

Со надеж дека ќе ги подобри вештините за читање кај Меги, таа ѝ купила книга за која мислела дека ќе ѝ биде предизвик. На нејзино изненадување, Меги ја прочитала без проблем. Сега, инспирирани од нивните авантури со книгите, тие одат чекор понатаму и почнуваат заедно да пишуваат книга.

Меги се надева дека ќе ги инспирира другите деца на нејзина возраст да им читаат на постарите. Покрај тоа што ги усовршува нејзините способности за читање и има група посветени слушатели, нејзините постари пријатели се секогаш подготвени да ѝ помогнат кога ќе наиде на нов збор. Што се однесува до жителите на старскиот дом, изгледа дека Меги им го разубавува денот.

Извор



912

X