Здравје

Седум знаци за аларм ако детето го боли стомакот

Прочитајте за кои симптоми што се јавуваат кај децата треба да се загрижите ако се појават заедно со болка во стомакот. Абдоминална болка или болка во стомакот е вообичаена, честа и обично безначајна болка. Вашето дете може да го боли стомакот од многу причини: голтање премногу воздух при плачење, запек, глад…

Меѓутоа, постојат симптоми што ги следат болките во стомакот, а кои можат да укажуваат на сериозни проблеми.

1. Болка на десната страна од стомакот
Слепото црево е сместено ниско, на десната страна од стомакот. Болката во ова подрачје е знак за воспаление на слепото црево, но детето најпрвин ќе чувствува тапа болка околу папокот, придружена со мачнина, нагон за повраќање, почесто уринирање, а понекогаш се јавуваат и дијареја и запек. Болката може да се зголеми поради притисок на подрачјето околу слепото црево и кога детето кашла, кога се движи или кога зема длабок воздух. Ако се сомневате на воспаление на слепото црево, веднаш однесете го детето на итна помош. „Воспалението на слепото црево бара хируршка интервенција, односно операција“, вели педијатарот Џејми Кумпас. Иако воспалението на слепото црево може да се појави во која било доба, најчесто се случува кај децата и во раните 20-ти години.

2. Болка при уринирање
Инфекциите на уринарниот тракт се вообичаени кај деца од една до пет години. „Инфекциите на уринарниот тракт предизвикуваат непријатност во подрачјето на стомакот и на мочното кесе, како и болка и печење при уринирање“, вели Кумпас. Однесете го детето на педијатар ако се сомневате на инфекција. Лекарот ќе направи анализа на урината и ќе ви препише антибиотици за лекување на инфекцијата. Сепак, бидете внимателни – воспалувањата на уринарниот систем често се без симптоми.

3. Детето има температура и кашла
„Воспалението на белите дробови честопати може да предизвика болки во стомакот“, вели педијатарот Клер Мекартни од Универзитетот „Харвард“. Иако многу други вируси може да предизвикаат болка во стомакот и кашлица во исто време, во случај на воспаление на белите дробови кашлицата ќе биде изразено тешка и длабока. Болката во стомакот може да се засили, а вашето дете може да има тешкотии и при дишењето. Во овој случај побарајте помош од лекар.

4. Повраќа зелено-жолта слуз или крв
„Болката во стомакот поврзана со зелена или жолта слуз никогаш не смее да се игнорира“, вели д-р Мекартни. Течноста што ја лачи црниот дроб обично е во зелено-жолта боја. Кога ќе се појави при повраќање, станува збор за затнување на цревата, па затоа мора веднаш да го однесете детето на брза помош. Од друга страна, повраќањето крв не мора секогаш да биде знак за сериозен проблем кај дете на кое му тече крв од носот или ако многу повраќа, па при повраќањето се појавува и малку крв. Но ако при повраќање со појават и крв и болка во стомакот, најдобро е да се јавите на лекар.

5. Крв во изметот на детето
Мало количество крв во изметот на детето обично не е знак за нешто сериозно. Аналната фисура е расцеп во кожата на аналниот канал, а може да се појави поради тврд измет, што вообичаено предизвикува болка и крвавење. Иако најчесто се јавува кај луѓето во средни години, исто така е и најчеста причина за ректилно крвавење кај децата. Ако покрај крвав измет детето чувствува и болка во стомакот – веднаш одете на лекар.

6. Вашето дете е помало од една година и има симптоми како…
Нозете ги повлекува кон стомакот, интензивно плаче и повраќа – ова се знаци за цревна опструкција кај бебињата. Пилоростеноза е болест кога храната не може да промине низ системот за варење, односно кога се спречува празнење на содржината на желудникот. Иако причината не е позната, симптомите се појавуваат кога детето е старо околу еден месец. Инвагинација, вовлекување на едниот дел од цревото во соседниот дел, поради што доаѓа до опструкција на цревата, е уште еден пример што бара итно лекарско внимание.

7. Сериозна болка
Вие најдобро го познавате своето дете и затоа треба да му верувате на својот инстинкт. Ако детето чувствува болка во стомакот и изразена непријатност, побарајте помош од лекар. „Секоја сериозна болка го оправдува одењето на лекар, без оглед дали се работи за постојана болка или за онаа што доаѓа и си оди“, вели педијатарот.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top