Сигурно некогаш сте присуствувале кога дете имало напад на бес затоа што не го добило тоа што го сакало од мама и тато и сигурно тогаш сте помислиле дека родителот е виновен за таквото однесување на детето, и дека вие различно би постапиле.

Сите деца имаат лоши денови, како и возрасните, но разгалените деца се малку поинакви. Тие целосно се сконцентрирани на себе, на своите желби и потреби, а сè друго за нив е на второ место.

Експертите составија список од седум знаци што укажуваат на тоа дека вашето дете е разгалено, како и листа со совети што ќе ви помогнат да го поправите нивното однесување.

Знаци што покажуваат дека вашето дете е разгалено

Кога ќе му кажете не, има напади на бес што траат сè додека не биде по негово

Сите деца може да изразат незадоволство кога нешто нема да им дозволите, но на разгалените деца тоа особено тешко им паѓа. Нападите на бес се нормални кај малите деца кои не можат соодветно да се изразат, но ако ваквото однесување продолжи и кај постарите деца, тоа е јасен знак на разгаленост.

Никогаш не се задоволни од она што го имаат

Разгалените деца може да ги имаат сите играчки на светот и најубавата облека, но тоа не ги прави среќни, туку секогаш сакаат повеќе. Со оглед на тоа дека имаат многу, не знаат да ценат и тоа станува проблем. Наместо да бидат благодарни на она што го имаат, се фокусираат на тоа како да добијат повеќе.

Мислат дека светот се врти околу нив

Разгалените деца се фокусирани на себе. Не им е грижа за тоа како се чувствуваат другите и низ што поминуваат. Тие сметаат дека имаат привилегии и очекуваат посебни погодности.

Она што го бараат сакаат да го добијат веднаш

Трпението не е карактеристика на разгалените деца – кога тие нешто сакаат, го сакаат веднаш, а на родителите полесно им е да им ја остварат желбата отколку да слушаат незадоволно дете.

Не знаат да губат

Ниедно дете не сака да губи, но разгалените деца тешко го поднесуваат губитокот. Ако вашето дете ги обвинува другите за својот неуспех и очекува пофалба за сè што ќе направи, им вика на оние што не ги прават работите онака како што тоа ги замислило и не се радува кога членовите на неговиот тим се успешни, тогаш си имате работа со разгалено дете.

Не се откажуваат додека не го добијат тоа што го сакаат

Разгалените деца може да развијат манипулативни тактики за да го добијат она што го сакаат, па може да почнат да ги лажат родителите. На пример, детето може да излаже дека едниот родител му рекол дека може да го добие тоа што го сака, што може да предизвика непотребна расправија.

Одбиваат да ги направат и наједноставните работи сè додека не почнете да ги молите и да ги поткупувате

Нормално е децата да не сакаат да прават некои работи, како што е миењето заби и собирањето играчки, но на крај треба да ги послушаат родителите. Ако вашето дете често одбива да ги прави и најобичните работи доколку не добие пари или нешто друго, треба да знаете дека сте го разгалиле.

Како вашето дете повеќе да не биде разгалено?

Научете да кажете „не“ без чувство на вина

Кога еднаш ќе поставите граници, држете се до нив. Не дозволувајте вашето разгалено дете да победи. Воведете го зборот „не“ во вашиот речник и не откажувајте се. Кога ќе поставите граници, тоа направете го со емпатија и разбирање – не морате да бидете тиранин за да го постигнете овој ефект.

Истакнете дека давањето е подобро од добивањето

Објаснете му на детето дека е поважно какво е како личност отколку она што го поседува.

Вежбајте благодарност во семејството

За време на вечерата или пред спиење истакнете ги работите поради кои сте благодарни. Наведете и нешто што сте го доживеале во текот на денот и поттикнете го детето да наведе такви работи. Научете го да ги почитува другите.

Променете го фокусот од „јас, јас, јас“ на „ние“

Речете му на детето: „Да го прашаме Марко што тој би сакал да прави“ или „Што мислиш, како се чувствува тато?“ или „Прашај го другарчето што би сакало тоа да игра“ и слично. Запомнете дека децата најдобро реагираат на охрабрување, а не на казна. Ако сакате детето да ги исполни вашите очекувања, прашајте се кои негови потреби треба да ги поддржите за да го постигнете она што сакате да го постигнете.

Помогнете му да ги цени малите работи во животот

Покажете му на детето дека и едноставните работи, како дружењето со семејството и пријателите, може да донесат големо задоволство.

Извор



912

X