Не можеме да го избереме семејството во кое ќе се родиме, а тоа ни ја дава основата за нашата иднина и го обликува нашиот карактер. Луѓето се различни, а и мајките не се исклучок. Некои едноставно се поинакви од своите деца, а некои се одличен тим со сопствените деца. Но, каков и да е случајот, сите си ги сакаме мајките бидејќи таа љубов е безусловна. Бидејќи односот мајка-ќерка може да биде различен, ви нудиме 7 различни типови.

Сестри

Доколку со својата мајка го имате овој однос, тогаш сте рамноправни и главно се надополнувате. Постои можност ќерките да ја преземат улогата на потпирач, односно да демонстрираат одговорност и грижа кон мајката.

Како овој однос влијае врз ќерките: девојките воспитани во ваков однос се многу одговорни и некогаш стануваат лидери. Имаат чувство за почитување на границите помеѓу луѓето, но истовремено може да се чувствуваат емоционално запоставено, па се плашат од обивање.

Најдобри пријателки

Пријателскиот однос помеѓу мајките и ќерките се заснова на доверба, па ќерката секогаш најпрво ќе ѝ се обрати на мајката доколку има некаков проблем. Мајката е доста вклучена во животот на својата ќерка, па ја презема улогата во зависност од она што ѝ треба. Може да си бидат љубовен експерт една на друга, најдобри пријателки, шопинг-партнерки или „партнерки во злосторство“.

Како овој однос влијае врз ќерките: главно не се плашат од предизвици и преземање ризици. Често преземаат иницијатива и не се плашат од отфрлање.

Странци

Доколку својата мајка ја држите подалеку од вашите случувања, односно таа секогаш последна дознава за новостите во вашиот живот, тогаш вие спаѓате во овој однос. Мајката и ќерката обично не се вклучуваат во своите животи и всушност едвај се познаваат.

Како овој однос влијае врз ќерките: ќерките што се отуѓени од своите мајки може во повозрасна доба да западнат во депресија, да чувствуваат тешкотии и намалена самодоверба. Покрај тоа, поголема е веројатноста дека ќе бидат во врски што ќе им предизвикуваат фрустрации. Истовремено, овие девојки израснуваат во одговорни, независни жени, со оглед на тоа дека научиле сами да ги решаваат своите проблеми.

Деградиран однос

Ваквиот однос на мајката и ќерката потсетува на претходниот. Меѓутоа, обично се однесува на една страна и вклучува нарцисоидност. Мајката или ќерката е повеќе насочена кон себе, негувајќи имиџ каков што сакаат другите да видат наместо меѓусебно да остварат вистинска поврзаност. Потребата за оставање совршен впечаток во реалноста го деградира односот мајка-ќерка.

Како ваквиот однос влијае врз ќерките: во случај на нарцисоидни мајки, ќерките обично бараат внимание и потврда на туѓите чувства, а се доживуваат како многу лојални и лица на кои може да се потпрете. Ако ќерката е нарцисоидна, а мајката не се обидува да влијае врз нејзиното однесување, девојката може да стане себична и нетолерантна.

Отфрлање

Се работи за еден случај во кој отфрлањето се спроведува кон едната страна, а најчесто тоа го прават мајките. Бидејќи е многу тешко да ги импресионирате, со рамнодушност го намалуваат значењето на достигнувањата на своите ќерки. Поради тоа, девојките уште повеќе се трудат да го постигнат невозможното – да ја задоволат својата мајка.

Како влијае врз ќерките: обично во текот на растењето ја губат самодовербата, се чувствуваат недостојни за внимание, додека истовремено очајнички копнеат по љубов и признание.

Навивачки

Мајката станува најгласен навивач за да ја поттикне својата ќерка да го проживее животот што повеќе. Обично е многу вклучена во животот на својата ќерка и никогаш не ја напушта. Често живее преку нејзините достигнувања, ги одржува, но и бара. Експертите сметаат дека на овој начин мајките ги исполнуваат своите нереализирани амбиции.

Како влијае врз ќерките: ќерката може да го изгуби чувството за себе, па при донесување на одлуките премногу се потпира на другите.

Авторитативен однос

Се работи за односот во кој мајката не ѝ дозволува избор на својата ќерка, не ги вреднува нејзините мислења и ставови, па постојано ја контролира. За своите големи барања, наоѓа оправдување во тоа дека сè што прави е за доброто на ќерката.

Како влијае врз ќерките: ќерките во ваквиот однос често стануваат отворено или потајно – бунтовнички. Премногу се самокритични, имаат ниска самодоверба, па не се вреднуваат. Последица од тоа е запаѓањето во депресија. Од друга страна, ќерките од овој однос се многу одговорни и посветени во своите односи.

Извор



912

X