Родителите често се прашуваат што најмногу влијае врз личноста на нивното дете и како можат да му помогнат да порасне во самоуверена и сочувствителна личност. Иако секое дете е посебно, постојат неколку клучни фактори што ги обликуваат неговиот карактер, емоционалната отпорност и социјалните вештини, според психологот и мајка Џејми Блох. Разбирањето на овие влијанија може да им помогне на родителите да создадат средина за поддршка, во која детето може да расте и да се развива со чувство на сигурност и припадност.
Еве седум работи кои Блох особено ги истакнува:
– Рана приврзаност кон родителот и начинот на кој детето се поврзува и формира односи.
-Генетика и природниот темперамент.
-Стилот на родителство.
-Интеракциите и пријателствата со врсниците.
-Животни искуства и предизвици.
-Културна и социо-економска средина.
-Моделирани емоционални изрази и реакции кои детето ги учи од родителите.
-Односот што детето го развива со родителот во првите години од животот е основата за неговата емоционална сигурност. Децата што се чувствуваат сакани и сигурни имаат поголема веројатност да формираат здрави односи подоцна во животот. Затоа бидете доследни во покажувањето љубов, обезбедувајќи удобност и емоционална поддршка, за да им помогнете на децата да се чувствуваат безбедно и сигурно – советува Блох
Таа додава дека секое дете доаѓа на светот со вроден темперамент, кој влијае врз начинот на кој реагира на околината.
-Некои деца се посмирени, додека други се почувствителни или поенергични. Прифатете ја природата на вашето дете и приспособете го вашиот пристап на неговите потреби – на почувствително дете ќе му треба поголема поддршка во новите ситуации, додека енергичното дете ќе има корист од многу физичка активност – објаснува таа.
Исто така, се истакнува дека начинот на кој родителите поставуваат граници и даваат поддршка игра клучна улога во развојот на личноста на детето.
Најдобрите резултати се поврзани со авторитативен стил – комбинација на топлина и јасни правила.
-Значи, ве советувам да бидете доследни, грижливи и да поставувате јасни очекувања, но со голема поддршка и разбирање – заклучила Блох.
912