Воспитување

Седум лоши навики кои децата би можеле да ги стекнат од своите родители

Во раните години од животот децата повеќето од своите навики ги стекнуваат со имитирање на родителите. Токму затоа многу експерти нагласуваат колку е важно родителите да внимаваат што зборуваат и како се однесуваат кога се со своите деца. Лошите навики кои децата можат да ги усвојат можат да бидат различни, а ова се некои од најпознатите.

Неорганизирано однесување

Децата почнуваат со имитација уште од мали нозе. Ако некој од родителите има навика да ја фрла облеката на подот и да не ја става на место, детето може несвесно да почне да го прави тоа. Ако децата не се научат или не им се покаже како да бидат уредни уште од мали нозе, нивната неорганизираност може да ги следи во текот на целиот живот – и во сите аспекти од животот, не само преку расфрланата облека и неуредната соба.

Лоша лична хигиена

Ако родителите си легнуваат без да ги мијат забите, децата може да го следат нивниот пример и подоцна во животот да имаат проблеми со оралното здравје. Редовното капење, менувањето долна облека и негата на кожата се навики на кои децата треба да се учат со пример уште од мали нозе.

Пцуење и употреба на погрдни зборови

Во многу ситуации кога децата пцујат или употребуваат погрдни зборови, најчесто ги слушале од родителите. Децата многу брзо и лесно впиваат сè околу себе, а погрдните зборови и пцостите не се ништо поразлични бидејќи децата не го разбираат значењето на овие зборови. Затоа родителите треба многу да внимаваат како се изразуваат пред своите деца, за нивниот речник да содржи позитивни зборови.

Изливи на гнев

Многу родители се соочиле со изливи на гнев од нивните деца кога не им било дадено нешто што го сакале. Децата можат да ја научат оваа навика гледајќи дека едниот родител го принудува другиот родител да направи нешто, а подоцна се обидуваат да го копираат тоа однесување и да видат дали ќе ја исполнат својата желба.

Прекумерно време на екранот

Користењето технологија е речиси неизбежно овие денови, но родителите треба да се погрижат да не даваат пример дека прекумерното користење на уредите е добро. Ако децата гледаат како нивните родители постојано користат паметни телефони, таблети, компјутери и други уреди, речиси сигурно ќе почнат и самите да го прават истото.

Нездрави навики во исхраната

Децата најчесто ја консумираат храната што често ја јадат нивните родители. Родителите се тие кои ги запознаваат децата со слатка, брза храна и други намирници кои се сметаат за нездрави, па родителите се, исто така, тие што треба да направат рамнотежа. Важно е да се вклучат различни хранливи намирници во исхраната на децата и да им се дозволи да јадат нездрава храна во ретки ситуации.

Удирање на другите луѓе околу вас

Многу деца барем еднаш удриле друго дете, но за оние што често го прават тоа, причината може да биде однесувањето на родителите. Ако децата се физички или вербално казнети по лошото однесување, тоа може да има спротивен ефект од она што го сакаат родителите. Телесното казнување им покажува на децата дека е во ред да удираат некој што направил нешто погрешно.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top