Уште едно дете што одело во градинка во скопската населба Радишани е заболено од морбили. Со овој случај бројот на заболени од морбили во Радишани изнесува седум, од кои шест се деца, а еден е возрасен. Новозаболеното дете било во роднинска врска со едно од заболените деца и двете оделе во градинка.
Д-р Билјана Даниловска од Центарот за јавно здравје – Скопје рече дека сè уште немаат лабораториска потврда, но клиничката слика и епидемиолошката поврзаност докажуваат дека станува збор за малите сипаници.

– Сите други заболени се во фаза на заздравување и се во стабилна состојба. Новозаболеното дете е во релативно добра општа здравствена состојба. Центарот за јавно здравје спроведува санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки. Предучилишните деца се вакцинираат во пунктот за имунизација во Бутел. Во текот на изминатите четири-пет дена откако е пријавена епидемија на морбили во Општината, и покрај нашите настојувања, одѕивот не е голем. Во тој период се вакцинирани 16 деца со МРП-вакцината – рече д-р Даниловска.
Таа посочи дека во тоа подрачје вакцинирани се само 12 од 62 невакцинирани училишни деца.

– Препораки од Комисијата за заразни болести се границата за вакцинацијата со МРП да се прошири, односно да се вакцинираат деца од шестмесечна возраст, кои ќе добијат повторно уште една доза на 18 месеци, сè до 45-годишна возраст. Досега во Центарот за јавно здравје се вакцинирале три лица. Има голем број невакцинирани деца на подрачјето на Скопје. Во општините Центар, Карпош и Кисела Вода процентот на предучилишни невакцинирани деца е многу висок. Во Општина Сопиште сите предучилишни и училишни деца се вакцинирани, а од градските општини најголем процент вакцинирани деца со МРП се во Шуто Оризари – додаде д-р Даниловска.

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека 15.000 деца на возраст до 14 години не се вакцинирани на територијата на град Скопје согласно препорачаниот Календар за имунизација и дека на најголем ризик од заболување се изложени предучилишните деца, децата во првите одделенија од основно училиште и постарите лица. Посочи дека од 15.000 деца, 11.270 деца се на возраст до пет години.

– Ако имаме предвид колку е заразно заболувањето, дека девет од десет лица што биле во контакт со заболено лице ќе заболат, постојат сериозни услови за ширење на епидемијата на територија на град Скопје, а потоа и во другите градови. Малите сипаници се многу сериозно заболување. Најчести компликации се висока температура, воспаление на средното уво, белите дробови. Фактите зборуваат дека едно од илјада деца ќе добие воспаление на мозокот. Статистиката вели дека едно до две на 1.000 деца може да починат како последица на мали сипаници – истакна доктор Микиќ.

Додаде дека во Франција годинава се регистрирани 2.727 заболени и три смртни случаи, во Италија има 2.295 заболени и шест смртни случаи, во Грција – 2.290 регистрирани случаи и два смртни случаи…



912

X