Д-р Рејчел Кристил, експерт за историјатот на жени без деца во западната култура, ја напишала книгата „Како да се биде без деца: Историјата и филозофијата на бездетното живеење“. Во книгата таа анализирала многу претпоставки што ги има општеството за луѓето што немаат деца, а кои генерално не се многу ласкави. Еве неколку негативни стереотипи што не се поткрепени со докази:

Тие се необични

Да се ​​биде без деца, често се смета за ретко и ненормално. Иако е вистина дека повеќето луѓе ќе имаат деца во текот на нивниот живот, живеењето без деца е повообичаено отколку што мислат многу луѓе, вели Кристил. „Околу 15 проценти од жените во САД до 45 години живеат без да имаат деца“, рекла таа, „или по избор или затоа што не можат“. Тоа е приближно една од седум жени, што значи дека е почеста појава од, на пример, левучарите. Во некои земји, како Германија и Швајцарија, стапките на возрасни без деца се уште повисоки, поблиску до секоја четврта жена. Далеку од тоа дека е реткост – да се биде без деца е релативно честа и широко распространета појава.

Тие се себични

Можеби сте ја слушнале изјавата дека родителството е противотров за себичноста. Се разбира, да се биде добар родител, бара постојано размислување за добросостојбата на другиот, но тоа не значи дека родителите се нужно несебични, ниту дека оние без деца се себични. Веројатно познавате многу себични родители и родители без деца кои се љубезни и дарежливи. Егоцентричен возрасен човек веројатно ќе стане егоцентричен родител или ќе ја спроведе својата себичност преку воспитувањето на своите деца.

Од каде ова обвинување? „Родителството е навистина напорна работа“, вели Кристил, „а не им е лесно и на многу луѓе што имаат деца“. Родителите кои се свесни за сопствените жртви може да претпостават дека оние без деца не знаат што значи да им го посветиш животот на другите. Но, да се биде родител не е ниту неопходен ниту доволен услов за да се елиминира себичноста. За среќа, постојат многу начини да се стигне дотаму, на пример, да се грижите за благосостојбата на другите луѓе и да ги третирате со почит.

„Себичност“ е обвинение кое всушност се фрла во двете насоки, како на пример мајка која патува со расплакано дете во авион. Лесно е да се игнорира или да се заборави дека плачењето на бебето многу повеќе ги оптоварува родителите отколку другите патници и дека родителите можеби патуваат од многу алтруистички причини. Значи, без разлика дали се насочени кон родителите или кон оние без деца, обвинувањата за себичност честопати се неоправдани.

Тие се производ на модерните феминистички движења

Вообичаената приказна е дека „сите“ имале деца сè до појавата на високо ефективни контрацептивни методи (т.е. таблетите) и поголемата вклученост на жените во платената работна сила. Но, Кристил забележува дека низ историјата жените избирале да немаат деца. „Таблетата многу ги промени работите“, вели таа, „но не толку колку што мислиме“. Таа забележала дека уште во 16 век, во земјите како Британија, Франција и Холандија, луѓето почнале да го одложуваат бракот до средината на доцните дваесетти. Околу 15 до 20 проценти од жените воопшто не се омажиле, особено во урбаните средини, а немажените жени главно немале деца.

„За време на викторијанската ера дури и оние што се венчале не морале да имаат потомство. Тие се потпирале на методите на контрацепција достапни во тоа време, како што се сунѓерите и првите верзии на кондоми. Иако ова не биле цврсти методи на контрацепција, тие работеле до одреден степен“, вели Кристил.

Нивните животи се неисполнети

Многу луѓе претпоставуваат дека децата се врвот на нечие постоење, можеби особено меѓу оние што доживеале огромно исполнување преку родителството. Според тоа, тие би можеле да претпостават дека бездетните луѓе го пропуштаат целосното животно искуство. Кристил имала пријатели или добронамерни странци кои говорат дека таа погрешно го насочува своето време и ресурси со тоа што избира да нема деца. Сепак, нема цврсти докази дека родителите се позадоволни од својот живот од оние што не се родители. Всушност, како што забележува Кристил, „задоволството од животот и способноста да се контролира сопствениот живот се поголеми кај луѓето што никогаш немале деца“.

Така, иако на родителите им е тешко да замислат дека се исполнети без нивните деца, не е безбедно да се претпостави дека секој го наоѓа исполнувањето на ист начин.

Во подоцнежните фази од животот се соочуваат со осаменост и финансиски тешкотии

Дали децата се гаранција дека некој ќе се грижи за нас кога ќе остариме, а тоа што некој нема деца значи дека ќе остари сам? Секако дека не, вели Кристил. „Резултатите од истражувањето покажуваат дека стареењето е предизвик за повеќето луѓе вклучувајќи финансиски, здравствени и социјални предизвици. Но, луѓето без деца не се почувствителни на вакви проблеми“, вели Кристил.

Еден од главните фактори е тоа што жените без деца се финансиски постабилни од мајките на иста возраст бидејќи работеле повеќе и имале помалку трошоци. И секој, без разлика на родителскиот статус, мора да најде начин да остане социјално поврзан во подоцнежните години. „Правните документи од Франција, кои датираат од 18 век, укажуваат на тоа дека родителите одредувале дали нивните деца ќе се грижат за нив. Во дваесет и првиот век постојат многу причини зошто децата не се грижат за своите постари родители, како што се географските ограничувања или недостигот на финансиски средства.

Тие не придонесуваат за одржување на нашиот вид

Родителите и оние што немаат деца често се наоѓаат на спротивните страни на различни животни избори. Сепак, како што истакнува Кристил, можеме да бидеме сведоци на меѓузависноста на родителите и неродителите. „Верувам во човештвото и во продолжувањето на цивилизацијата“, вели Кристил. „За мојот живот да има смисла, треба да знам дека ќе има луѓе и по сто и по петстотини години. Затоа го ценам тоа што воспитувате деца“.

Продолжувањето на нашиот вид бара многу повеќе отколку да имаме деца

Продолжувањето на човечкиот вид бара решавање на најголемите проблеми со кои се соочуваме денес, создавање уметност што носи убавина во нашето постоење, филозофија која ги води нашите постапки – вклучително и како ги воспитуваме нашите деца. „Се надевам дека капацитетот, енергијата, љубовта и страста што ги внесувам во мојата работа ќе придонесат за вашиот живот и животите на другите родители“, заклучува Кристил.

Се подразбира дека низ историјата имало многу луѓе што правеле извонредни работи и не биле родители: Џулија Чајлд, Френсис Бејкон, Бетовен, Мајка Тереза, Коперник, Опра Винфри, Никола Тесла – списокот може да биде бесконечен.

Извор



912

X