Зголемување на бројот на деца до 6 години со респираторни инфекции покажуваат извештаите на Институтот за јавно здравје

Викендов на Клиниката за детски болести во период од 24 часа биле прегледани околу 140 болни деца. Последниот период во работните денови лекар им укажувал помош на околу 30 деца во прва и околу 20 деца во втора смена. Во овој момент на Клиниката се хоспитализирани 130 деца, а во дневната болница се третираат околу 30.
Зголемување на бројот на деца до 6 години со респираторни инфекции покажуваат извештаите на Институтот за јавно здравје, каде што податоци даваат матичните лекари.

Д-р Маја Ивановска од Ургентниот центар на Детската клиника вели дека во работните денови најчесто има пациенти што доаѓаат со приоритетни упати од матичните лекари. Во текот на работните денови најголем дел од болните деца ги прегледуваат матичните лекари.
– За време на викенд, во период од 24 часа има околу 140 прегледи. Нема зголемена фреквенција во споредба со минатите години или со претходниот период. На одделите на Клиниката се хоспитализирани 130 пациенти (капацитетот на клиниката е 180) и околу 30 деца се третираат во дневна болница – вели д-р Иванова.
Третирањето во дневна болница значи дека родителите секој ден ги носат децата за третман или контрола.
– Во однос на патологијата, децата што се прегледуваат се со респираторни и стомачни вируси кои се придружени со високи температури. Досега на Клиниката нема изолирано пациенти со грип – вели д-р Иванова.

Според последниот извештај на Алерт-системот за рано откривање и надзор на заразни болести, во втората недела од месецов, од 7 до 14 јануари, лекарска помош била побарана за 4.737 деца до 6 години со инфекции на горните дишни патишта, а 1.521 со инфекции на долните дишни патишта. Една недела претходно со горнореспираторни инфекции лекарите прегледале 2.165 деца до 6 години, а 877 деца на оваа возраст се јавиле на доктор поради т.н. спуштена инфекција на долните дишни патишта. Во последната недела од декември биле пријавени 2.013 деца до 6 години со горнореспираторни инфекции и 547 со долнореспираторни.

За ова време во годината, кога загадувањето на воздухот е големо во многу делови од земјата, лекарите советуваат кога можат родителите да ги носат децата на прошетка на повисоките места или на местата каде што протокот на воздух е зголемен и не е загадено. Таму физичката активност треба да се смета за задолжителна за да може белите дробови правилно да функционираат и да извентилираат сè што е наталожено во нив.



912

X