Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 4,5 години и ќерка од 2,5 години. Од пред неколку месеци однесувањето на синот тотално се смени. Се затвори во себе, ништо не споделува со нас, на пример, како му поминал денот во градинка или ако бил кај баба му и дедо му. Нервозен е, постојано плаче за разни глупости, крши, фрла, вреска, буквално секој ден има тантрум за нешто. Секој ден пробувам да разговарам со него, да му објаснам дека во ред е да биде и тажен и лут, и пробувам да извлечам од него што е проблемот, но секогаш е неуспешно. Многу е чувствителен и сѐ во себе си држи. Што да направам за да му се доближам и да почне да ми кажува што го прави тажен и лут.

ОДГОВОР: Кај вашето четиригодишно дете од пред една година се јавуваат промени во однесувањето со манифестирање спектар од емоции со поголем интензитет кои, како што споменувате, тој ги чува во себе и не успева да се изрази и да ги канализира. Колку повеќе емоциите ќе бидат непрепознаени и неприфатени, толку повеќе тие ќе го тригерираат однесувањето. Ми се допаѓа што му приоѓате на начин со кој ги одобрувате неговите емоции за да поттикнете именување, односно тој да каже: „Јас сум лут“, потребно е да ги рефлектирате неговите чувства како на пример „Гледам дека си лут и мислам дека причина за тоа е што не ти дозволив да ги расфрлаш играчките. Во право сум или не?“

Во таа рефлексија понекогаш е добро да ја опишете емоцијата, на пример „Од далеку можам да видам колку си лут и црвен како пиперка, лутината ти направила толкав оган што те тера да ги фрлаш играчките насекаде.“ За таа цел и отворање на емоционалниот канал кај детето, ви препорачувам да ја сработите едицијата книги-прирачници за емоции кај деца „Шумската дружина“ во издание на Арс Ламина. Откако детето ќе научи да ја препознае и именува емоцијата, тогаш е потребно да му обезбедите простор и начин за тоа како може и како е прифатливо да ја изрази. На пример: „Кога си лут наместо да фрлаш и да кршиш играчки, подобро би било да се напиеш вода, пожарот да се изгасне и да ичкрташ еден празен лист хартија, да удриш во перница“ итн. Тоа се вештини кои и вие треба да ги практикувате бидејќи во спротивно, детето тешко може да ги усвои.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X