Михаил е второ дете на Даниела и Димитар од Свети Николе. Немал ни 24 часа кога во клиничката болница „Жан Митрев“, која ја одбележува својата 20-годишнина, му било оперирано срцето

Нема поголема радост за една жена кога на свет ќе донесе нов живот. Немам зборови да ја опишам таа среќа. Но, немам зборови ниту да ја опишам болката што ја доживеавме со сопругот по само неколку часа откако се роди нашиот Михаил. Место да се радувам, лекарите ми рекоа дека бебето е во критична состојба и да се подготвам за најлошото. Сопругот Димитар со бебето веќе беше на пат кон Скопје. Некој мораше да се обиде да го спаси нашиот син.

– Наместо да се радувам и да го држам во прегратките своето чедо, ми рекоа да се подготвам за најлошото. По неколку часа откако се породив, кога веќе почнаа да пристигнуваат честитките, ми кажаа дека детето е во критична состојба и не се знае дали ќе преживее. Тоа беше огромен удар. Наместо да го подојам, да го држам в раце, станав да се простам од моето дете – низ солзи раскажува Даниела и вели дека сè уште не можат со сопругот Димитар да поверуваат какви две чуда им се случиле во еден ден, за денес да се радуваат заедно тие и нивните две деца, Михаил и Нина.

Д-р Жан Митрев ни го спаси синот, а и нас од голготата што не се заборава

Михаил сигурно нема да се сеќава на денот кога со часови траела борбата за неговиот живот. Но неговите родители велат дека никогаш нема да го заборават прашањето на 5-годишната ќерка Нина: „Мамо, зошто сте тажни“, како и напорите на тимот на д-р Митрев, кои го дале и последниот атом енергија и сето свое знаење за срцето на Михаил, нивниот најмлад пациент, денес да чука здраво.

– По околу шест часа од породувањето, ми рекоа дека бебето итно мора да се однесе во Скопје, а се породив во Штип. Не беа сигурни дали има срцева маана или можеби аспирирал плодова вода. Сопругот замина со брзата помош за Скопје, а јас останав во болница. Не смееја да ме отпуштат бидејќи не беа поминати ни 24 часа од породувањето. Вечерта ме контактираа и ми рекоа дека најверојатно нема срцева маана, но оставија да ми потврдат следното утро. Имав нормална бременост. Второ дете ми е и ги направив истите прегледи како и со првото и ниту помислував дека може да има некаков проблем. Следното утро околу 8 часот ми се јавија и ми рекоа сопругот итно да дојде во Скопје затоа што детето има срцева маана и ќе го носат во клиниката на доктор Жан Митрев, и дека таму ќе кажат за што точно станува збор. Рекоа дека најверојатно станува збор за транспозиција на крвните садови. И тогаш го слушнав она што не посакувам да го слушне ниту еден родител – педијатрите од Штип ми рекоа: „Си имаш друго дете, сето внимание нека ти биде насочено таму“ и дека според нивните досегашни искуства, за ваква срцева маана немало решение. Ми рекоа да се подготвам за најлошото. Не знам како го преживеав тој шок. Му се јавив на сопругот кој ми кажа дека операцијата почнала. Му реков: – Не чекај, оди си, докторите тука ми рекоа дека нема надеж.
Даниела раскажува речиси безгласно и низ солзи.

Во Штип ја сместиле сама, во посебна соба.

– Веќе почнав да им се јавувам на најблиските, на пријателите да им ја кажам радосната вест дека имаме син, кога почна нашата голгота. Се надеваш на најубавото, а се случува спротивното. Пред да тргнат за Скопје ми дадоа да го видам, беше модар, дури не беше ниту истото бебе што ми го ставија на градите по породувањето.

Но, Михаил бил јунак, велат неговите родители, а д-р Митрев – неговиот херој.

– Сопругот беше во „Жан Митрев“ за време на операцијата. Откако заврши, му кажале дека иако е стабилно бебето, првите 48 часа се критични и дека по тој период ќе може да се дадат и првите прогнози. За тоа време побарав да ме пуштат од болница за да можам да отидам во Скопје и да бидам покрај моето дете. Ми рекоа дека е среќа што е роден 4.100 грама и е крупно и посилно дете – раскажува Даниела.

Цели 13 дена чекала да го види своето бебе. Така налагало лекувањето. Го видела на 13-тиот ден и следните 10 дена никој не можел да ги раздели.

Михаил денес има три месеци и е здраво бебе кое само што се родило, морало да ја извојува најтешката битка – битката за сопствениот живот. Кога го однеле дома, на радоста ѝ немало крај. На почетокот, додека го бањале, го криеле од неговата 5-годишна сестричка Нина за да не му ја види раната од операцијата и да не се исплаши. Ниту, пак, зборувале пред неа за она што се случило. Но таа, велат Даниела и Димитар, како да чувствувала и постојано му пеела: „Ти Михаил имаш големо срце.“

– Да, токму така. Михаил има големо срце. Тој е нашето срце, нашиот јунак, а д-р Митрев е нашиот херој. Нема зборови со кои можеме да искажеме колку сме му благодарни за сè што стори за нас. Секое утро додека бевме во болница доаѓаше да нè види, ни даде надеж дека детето ќе ни биде спасено. Операцијата беше ризична бидејќи Михаил беше премногу мал, но кога околу вас имате борци, сè е полесно. Овде секоја операција, секој преглед, секој зафат е борба за живот. Без тимот на д-р Митрев мислам дека немаше да ја добиеме оваа битка. Вистински професионалци. Му дадоа живот. Достапни се 24/7, ни се јавуваа да прашаат како е Михаил, што прави, да ме советуваат. Доктор Митрев ни кажа дека Михаил по операцијата ќе има најнормален живот и искрено веруваме во тоа, се сложуваат Даниела и Димитар.

И двајцата признаваат дека тешко се заборава голготата што ја преживеале.

– Се трудиме да живееме нормално, но ќе треба да помине уште многу време за да го заборавиме тоа што го преживеавме. Реагираме на секој шум, звук. На почетокот ми беше буквално страв да го држам в раце за да не го повредам. Имаме среќа да имаме вакви медицински лица кои се тука за сè што ни треба, па буквално правам како што ќе ми кажат тие. Си ја знаат својата работа и не им се мешаме – вели мама Даниела.

– Најлошото помина, но уште ме болат зборовите на ќеркичката Нина, која имаше само 5 години и не знаеше што се случува, но постојано ми велеше: „Тато зошто сте тажни?“ Наместо да се радуваме и да славиме, ние тргнавме со плачење. Тоа што го поминавме ни на душман да не му се посака, вели таткото Димитар.

Михаил требаше да се вика Милан

Денес кога Михаил е здраво бебе, можеме да здивнеме, да се шегуваме, да се радуваме, велат родителите на Михаил, кој всушност требало да се вика Милан, по омилениот фудбалски клуб на Димитар.

– Требаше да се вика Милан, но бидејќи е роден на 19 ноември, а операцијата се случи на 20 кога е празникот Св. Архангел Михаил, не размислувавме, па желбата за Милан остана само желба. Името само се одбра, наше беше само да го потврдиме тоа. Затоа сега ќе славиме два родендени, денот кога е роден и денот кога му беше операцијата, а си има и именден – вели Даниела.

Таа сега контактира со група родители од Хрватска кои имаат дечиња со ист здравствен проблем како Михаил. Зборувала со една мајка чие бебенце било родено во август, а операцијата му била направена во Австрија.

– Кога ѝ кажав дека ние тоа го направивме во Скопје на „Жан Митрев“, не ѝ се веруваше каква клиника имаме – вели Даниела.

Вели дека благодарение на д-р Митрев, нејзиното чедо е тука, му се радуваат на животот, го чекаат првото запче, чекаат да ја пробаат првата кашичка…
Таткото Димитар помалку зборува, вели дека грутката уште му е во грлото и во градите, но нема да заборави што им рекла ќерката Нина кога се вратиле дома по лекувањето: „Ги сакам мама, тато и Михаил до небото и назад“.

– Така вели Нина, а ние велиме голема благодарност до доктор Митрев, до небото и назад – додава Димитар.

А ако мислевте дека Михаил сега е тивко и измачено бебе, се лажете. Не знаете колку знае да покаже колкав јунак е.



912

X