Кога имате малечко дете што месечари, може да биде вознемирувачка помислата малото дете да „лута“ низ домот само во текот на ноќта, па сигурно сакате да извршите одредена превенција од продолжување на таквото нешто. Но, да знаете како да го спречите одењето во сон кај детето започнува со сфаќањето на причините зошто детето го прави тоа.

Зошто малите деца месечарат

– Не е многу честа појава малите деца да месечарат, но кога го прават тоа, може да биде од едноставно седење на креветот, па сè до одење низ куќата, од соба во соба, несвесни за својата околина. Додека е вообичаено за децата да се будат во текот на ноќта, месечарењето може да биде резултат на недостиг на доволно сон, неконзистентен распоред на спиење, непознати локации за спиење, па дури и семејна историја на месечарење – вели консултантот за спиење Кристин Стивенс.

Малите деца често се будат и полузаспани се упатуваат во собата на родителите. Па како е тоа различно од месечарење?

– Малите деца на возраст до 3 години често го бараат родителот во ноќта во таква конфузна состојба, ако сè уште имаат потреба да биде присутен родител во нивната соба за да можат да заспијат навреме. Во тој случај родителот е потпора за спиење на детето и кога тоа ќе се разбуди навечер, како и сите деца, открива дека неговата потпора не е тука, па ја бара за да може повторно да заспие. Децата може да изгледаат збунети и нецелосно разбудени додека влегуваат во спалната на родителите, но ова е различно од месечарење – вели психологот Линел Шниберг.

Месечарење – одење во ноќ

Важно е родителите да прават разлика што се случува кога ќе забележат дека детето е станато и се движи во текот на ноќта. Шниберг препорачува родителот да размисли дали детето месечари само кога еден од родителите не е во собата со детето. Ако е таков случај, Шниберг препорачува родителите да им помогнат на децата да научат да заспиваат независно од родителите, воспоставувајќи цврста рутина за спиење. Исто така, се препорачува постепено да се намалува времето на престој на родителот во собата на детето кога тоа заспива. Ако вашето дете всушност месечари, можно е да не можете да го спречите тоа, но има начини да му помогнете.

– Ако се сомневате дека вашето дете месечари, прво осигурете се дека детето добива доволна количина на сон, околу 12 до 13 часа на ден, сè додека не наполни 5 години – препорачува Стивенс.

Опасности од месечарењето

Дополнително, безбедноста е најважна.

– Месечарењето само по себе не е опасно, но може да биде опасно ако детето месечари околу домот во текот на ноќта. Освен ризиците од сопнување, може да има многу причини поради кои не е добро малечко дете да се движи низ домот во темница, бидејќи може да биде повредено. Мојата сестра беше месечар како дете. Додека ја надмина состојбата, беше застрашувачки да се мисли на сите тие можности за повреда ако излезе од вратата во ноќта или пак се удри на некој остар агол од предметите во домот. Родителите на деца кои одат во сон се соочуваат со слични грижи – вели Стивенс.

Има неколку опасности во овој случај. Детето може да се обиде да излезе од домот, или да падне по скали или да се сопне во ходникот. Некои деца дури се обидуваат да се качуваат на мебелот за да земат храна или други предмети, додава Стивенс.

Мерки за безбедност

Шнибер вели дека треба да се преземат мерки ако детето месечари. Препорачува сензори за движење, аларми за врати, како и аларми за кревети кои ќе ги предупредуваат родителите ако нивното дете стане од кревет во текот на ноќта. Исто така, препорачува обезбедување на излезните простори во домот, а препорачливо е да се постават и безбедносни врати на скалите. Стивенс, исто така, додава дека повеќето од децата со текот на времето престануваат да одат во сон, но ако вашето дете е поспано во текот на денот, добро е да се обратите на педијатар за да се исклучат одредени медицински проблеми и да се воспостави регуларна рутина за спиење.

Автор: Ешли Џоунс

Извор



912

X