Дали и по колку време треба да се примаат гости зависи од состојбата на бебето, мајката и на домашните. За тоа како е медицински оправдано разговаравме со наши докажани педијатри

Дали во дом со новороденче треба да доаѓаат гости? Ова е прашање на кое се кршат многу копја и секогаш отвора долга дискусија.

Додека едни сметаат дека радоста за новиот член во семејството треба да се сподели со добронамерниците, други веруваат дека традицијата да не се примаат гости дома 40 дена по раѓањето треба да се почитува, трети веруваат оти овој период треба да е подолг зашто бебето се раѓа без имунитет, а родителите, народски кажано, треба да фатат ред со обврските. Така паѓаат и осуди за неодговорност, преопуштеност, себичност…

Дали и по колку време треба да се примаат гости зависи од состојбата на бебето, мајката и на домашните.

За тоа како е медицински оправдано разговаравме со наши докажани педијатри.

Бебе, хормони, доење, многу мислења…

Д-р Драгана Емел-Маркоска објаснува дека периодот по раѓањето на бебето се нарекува леунство.

– Tоа е посебна фаза во животот и на мајката и на бебето, но и на домашните. Секако дека дома не треба да им биде како на автобуска станица, но сепак на мајката може да ѝ треба помош. Мислам дека сè треба да биде умерено – вели д-р Емел-Маркоска.

Д-р Драгана Емел-Маркоска

Доколку станува збор за мајка што претходно цело време била опкружена со луѓе и по породувањето одеднаш контактите на некој начин ѝ се забранети, а плус има бебе дома за кое треба да се грижи, а и ако се земат предвид и нејзините хормони – тоа, според педијатарот, не е баш убав момент.

– Мајката ќе стане екстремно вознемирена, плачлива… Вознемиреноста на мајката влијае врз бебето, па и тоа станува вознемирено. Сето ова влијае и врз количеството на млеко што се создава. Од друга страна, и голем метеж не е на арно. Сите имаат свое мислење, го кажуваат и прават притисок врз мајката. И повторно се влијае врз расположението на мајката. Од сето ова може да кажеме дека дали ќе има посети или не, зависи од состојбата на мајката, состојбата на детето, условите дома и слично – објаснува д-р Емел-Маркоска.

Да се здрави и со чисти раце

Д-р Александра Михајловска смета дека во дом со бебе треба да престојуваат само најблиските од семејството.
– Тоа е период на закрепнување на мајката и адаптација на бебето. Потребни се чисти услови за престој на новороденчето. Сите што му се приближуваат на бебето треба да бидат здрави и да имаат чисти раце. Бебето нема заштита и ја носи во себе заштитата пренесена од мајката – вели д-р Михајловска.

Д-р Александра Михајловска

За тоа колку време треба да се ограничуваат посетите, таа вели:
– Тоа е најдобро во првите 3 до 6 месеци. Но најчесто е во првите 40 дена.

Според д-р Весна Стојанова-Атанасовска, не постои ниту пишано ниту традиционално правило дека бебето до 40 дена треба да остане дома или да не е во контакт со луѓе што не се дел од потесното семејство.

Д-р Весна Стојанова-Атанасовска

– Сето тоа е индивидуално и зависи од семејството и од родителите. Апсолутно сметам дека е недозволиво бебето штом дојде дома да го гушкаат гости или да го бакнуваат. Умереноста е најдобро решение. Она што е најважно е бебето да се чува од гости што се болни, но сепак не треба да биде под стаклено ѕвоно. Во последно време с почесто имам контролни прегледи на бебиња веднаш по раѓањето. Сè е дозволено ако е умерено и согласно состојбата на бебето и желбата на семејството – вели д-р Стојанова-Атанасовска.



912

X