Една од најпредизвикувачките фази на родителството е да го научите детето како да го користи тоалетот, но некои родители најмуваат професионални тренери за тоа, откако не успеваат да го научат детето на основната рутина.

Консултантите за одвикнување од пелени обично имаат знаење од психологија бидејќи користат бихевиорални методи за да постигнат добри резултати. Исто така, работат заедно со родителите за да ги испланираат потенцијалните пречки и отпорот на кој може да наидат од децата. Овие професионалци работат на низа техники, во зависност од потребите на семејството. Полудневна сесија е доволна за некои тренери да го одредат планот за работа, додека на некои им се потребни барем 2 дена работа со семејството. Некои тренери, исто така, обезбедуваат консултации преку телефон или видеоповици, но други извршуваат и домашни консултации и наплаќаат повеќе.

Според Кимберли Вокер, која работи како професионален тренер за користење тоалет во „Перентинг Анлимитед“, родителите ги најмуваат нивните услуги бидејќи оваа задача е „екстремно стресна и поттикнува анксиозност“, па резултира со негативни искуства за детето. Динамиката на односот родител-дете вклучува некоја форма на борба за моќ, која овие професионалци може да ја извадат од равенката.

Додека повеќето луѓе можеби не слушнале за вакви тренери, оваа услуга не е баш нова идеја, туку е присутна уште од последната декада. Во 2008 година тренер од Чикаго била дел од насловите во медиумите откако се појавила на ТВ-шоу, бидејќи му помогнала на дете за само 5 часа, а детето било славен телевизиски лик. Многу славни личности во Њујорк користат вакви тренери, а инаку идејата е развиена од Саманта Ален, која има едукација за ран детски развој. Таа изјавила за „Хафингтон пост“ дека се занимава со професионална едукација за користење тоалет многу долго, па разбира кој е клучот до успехот – а тоа е конзистентноста и правењето таа активност да изгледа забавна. Исто така, рекла дека активноста бара многу посветеност, а некои родители не се целосно вклучени во учењето на детето на оваа основна рутина.

Некои тренери рекле дека најголемиот предизвик не е со децата, туку со родителите кои не ги слушаат нивните совети. Исто така, мислат дека некои родители се откажуваат многу брзо, по само еден несреќен случај. Сепак, врз основа на искуството, некои деца ја учат навиката за помалку од 5 часа тренирање. Додека консултантите работат со семејство, часовите за одвикнување од пелени кои се популарни кај американските родители се групни сесии на кои се презентираат техники за родителите. Сепак, Ален верува дека часовите не се толку ефективни како што се еден-на-еден сесиите, особено за децата што имаат анксиозност. Таквата обука треба да биде персонализирана и наменета за индивидуа, за разлика од групните тренинзи. Може да биде и чудно за детето да треба да изврши нужда пред група луѓе.

Професионалните тренери може да наплатат од 50 до 300 долари за час, во зависност од нивните вештини. Интензивното тренирање за еден ден може да достигне цена и до 1.000 долари, а повеќето тренери закажуваат и следна сесија.

Автор: Лилијан Скот

Извор



912

X