Дали птеранодон е исто што и птеросаурус? Како воопшто да успиете дете? И што, по ѓаволите, треба да готвам за вечера? Во секојдневниот живот сè повеќе му се обраќам на „Чет-ГПТ“ за одговори на овие (и безброј други) прашања, признала една мајка. И таа не е единствената, според анкета од 2024 година, дури 71 % од родителите го користеле „Чет-ГПТ“, а повеќе од половина го користеле исклучиво за теми за родителство: совети за заспивање, рецепти, активности за деца…
-Бројот на родители што користат вештачка интелигенција расте од ден на ден – потврдува д-р Николас Ц. Џејкобсон, експерт за компјутерска психологија и професор на колеџот „Дартмут“.
Зошто родителите сè повеќе ја избираат вештачката интелигенција?
Брзината и пристапноста се клучни причини.
-Родителите често ѝ се обраќаат на вештачката интелигенција во ситуации кога се исцрпени и преоптоварени – вели Клаудија Хоецл, експерт за ран развој и родителство.
Чет-ботовите како „Чет-ГПТ“ можат да помогнат со секојдневните прашања, подготовка на оброци, толкување белешки од испити, планирање семејни патувања или само како рамо за виртуелен „одмор“. Д-р Софи Пирс, клинички психолог, истакнува дека родителите често користат вештачка интелигенција за да им помогнат да почнат да решаваат проблеми.
-Кога сме преоптоварени, тешко е да се сетиме на корисни стратегии. Чет-ботот може да биде првиот чекор кон решение – вели таа.
Вештачката интелигенција како поддршка за менталното здравје
Многу родители исто така бараат емоционална поддршка од чет-ботовите.
-Кога сум под стрес, чет-ботот ме потсетува да одам на прошетка или да медитирам. Звучи едноставно, но често ги забораваме овие основни алатки – вели Јоки Мацуока, извршен директор на „Панасоник Вела“ и мајка на четири деца.
Што прашуваат родителите?
Од наоѓање рецепти и активности за деца, до форматирање пораки за наставници или преведување училишни документи – вештачката интелигенција е новата прва помош во секојдневниот хаос на родителството.
Но… каде се границите?
Сепак, експертите предупредуваат: вештачката интелигенција не го познава вашето дете.
-Општите одговори можат да бидат корисни, но можат да бидат и сосема погрешни – вели д-р Џејкобсон, креатор на „Теработ“, платформа за вештачка интелигенција за ментално здравје.

-Вештачката интелигенција може да го зголеми чувството на несигурност кај родителите бидејќи нè преплавува со дополнителни информации. Без вистинска поддршка, родителите можат да се чувствуваат уште поизгубени – вели д-р Пирс.
Како безбедно да се користи вештачката интелигенција?
Совет од експерти: користете ја вештачката интелигенција како помош, а не како авторитет.
-Користете ја за идеи, но секогаш филтрирајте ги информациите преку вашето сопствено знаење и интуиција – вели д-р Јакобсон.
-Вештачката интелигенција е добра алатка, но не може да ги замени вистинската поврзаност, искуството и професионалната поддршка – заклучува Хоцел.
Автор: Карина Шиждрак