Константното ставање на туѓите потреби пред сопствените (па дури и кога тој некој е вашето дете), не е ниту толерантност, ниту несебичност, ниту добрина, туку лоша грижа за себе.

Варијанти

-Немам време ниту да се истуширам.
-Јас не сум важна/важен.
-Ништо не ми е тешко да направам за детето.

Примери:

-На мајката на тригодишната Искра ѝ дошла кумата на кафе. Меѓутоа, Искра инсистирала сите три да бојат боенка. Мајката на Искра за таквите пригоди купила голема боенка. Кумата и таа се откажале од кафето и го правеле она што го сакала Искра – да бојат.
-Мајката на Софија (5) го буди сопругот, кој има попладневна дремка по доаѓањето од работа, и бара со Софија да реди коцки за на детето да не му биде здодевно.

Намера

– Сметате дека во родителството е неопходна подготвеноста на родителот за постојано жртвување заради благосостојбата на своето дете.
– Сметате дека за добриот родител секогаш и во секоја ситуација, потребите на детето се пред неговите.

Факти

На светот не постои побеспомошно младенче од човечкото. Потребите на новороденото бебе се големи: хранење на неколку часа, речиси постојан телесен контакт кога бебето го носиме или галиме за да се смири или да му се намалат тегобите, на пример, грчевите, па хранење и пресоблекување повеќе пати во текот на ноќта…Родителите кои се соочуваат со ваков репертоар на активности несомнено поднесуваат голема жртва и сигурно дека се ненаспани и преморени. Но, тие се и подготвени на тие напори бидејќи потребите на бебето во тој период се такви.

Сепак, во текот на растењето очекувано е постепено да се воспоставува одредена рамнотежа помеѓу детските и родителските потреби. Ако родителите биле подготвени на неспиење и чести будења во текот на првите месеци од животот на детето, дали е неопходно тоа да се провлекува неколку години?

Дали родителот на дете што има 2-3 години е себичен ако сака да го преспие поголемиот дел од ноќта, сам, во својот кревет?

Дали родителот на 5-годишно дете може да заврши телефонски разговор или да разговара со партнерот без упадите од детето? Да оди на час по јога без својата 4-годишна ќерка и покрај тоа што таа плаче?

Иако детето го сакаме најмногу, потребно е да ги препознаеме и своите потреби и да се грижиме за себе. Не само што подобро ќе се чувствуваме, туку на тој начин на детето ќе му покажеме многу важна лекција – дека грижата за себе не значи да се биде себичен. Во зависност од процената на ситуацијата, понекогаш навистина ќе ги ставиме потребите на детето пред своите, без разлика на возраста. Но, не секогаш. Токму како што константното ставање на туѓите потреби пред сопствените не е ниту толерантност, ниту несебичност, ниту добрина, туку лоша грижа за себе.

Дали сум на погрешен пат?

-Детето е сосема малечко, не се чувствува добро или се наоѓа во некоја предизвикувачка ситуација и вие сте се подредиле на потребите на детето – НЕ СТЕ на погрешен пат.
-Понекогаш, кога гледате дека на детето му е важно, вие си играте или си зборувате со него, иако сте изморени или нерасположени – НЕ СТЕ на погрешен пат.
-Детето спие со вас во креветот бидејќи така сите подобро ќе се наспиете и тоа ви одговара – НЕ СТЕ на погрешен пат.
-Детето спие со вас во креветот, а тоа вам и на вашиот партнер не ви одговара – СТЕ на погрешен пат.
-Прекинувате одмор или која било активност кога детето сака нешто од вас – СТЕ на погрешен пат.
-Се чувствувате виновни ако поради некоја причина не сте во состојба да му обезбедите на детето сѐ што сака – СТЕ на погрешен пат.

Однесувањето на детето

-Детето може да има тешкотии во одложувањето на задоволствата и своите потреби. Сака сѐ сега и веднаш.
-Детето може често да покажува нетрпеливост и намален праг на фрустрациска толеранција во однос на однесувањето кое е очекувано за таа возраст.
-Детето може да биде склоно на потешка контрола на импулсите и чести напади на бес.
-Иако со појавата изгледа самоуверено, детето всушност е несигурно и анксиозно.
-Во однос со врсниците детето може да покажува егоцентричност и себичност.

Можни исходи

-Низок праг на фрустрирачка толеранција
-Неспремност за напор и непријатност
-Лош развој на работни навики
-Недостиг на упорност и способност за истрајност во активностите, лесно откажување
-Ниска самодоверба
-Нарцисоидност
-Послабо развиени социјални вештини
-Недостиг на емпатичност

Совет

-Развивајте спремност да ги препознаете своите потреби, па и оние основните – кога сте многу изморени, гладни или ви е потребно да бидете сами, да прошетате, да одете на кафе со пријател.
-Потсетете се на тоа дека фактот што сте станале родители не значи дека сте престанале да бидете партнер, пријател, брат, сестра или лице кое ја сака својата работа, кое сака да оди на трчање и слично.
-Во согласност со возраста на детето и со околностите, одредете приоритети: Да, детето би сакало да правиме замок од коцки, но баш сум изморен/а, би ми одговарало да читам. Детето ќе биде незадоволно? Па, во ред, ништо страшно, нема ништо да му фали ако малку биде незадоволно.

За да можете да се грижите за детето, прво погрижете се за себе

Или наместо: Конечно заспа, изморен/а сум, но има куп садови за миење. Глупаво ми е некого да молам за помош, знам дека сепак можам. Може вака: Конечно заспа, изморен/а сум. Одам да дремнам. Ќе ја замолам сестра ми да ми помогне со садовите подоцна.
-Тоа што сте станале родители не значи дека сте добиле натприродна моќ. Барајте помош од блиски луѓе, а понекогаш истрпете го и незадоволството на вашето дете. Малку незадоволство никому не штети.

Порака: „Во случај на пад на притисок во кабината, маската ќе падне од лежиштето. Маската прво ја ставате на себе, а потоа на детето. Во упатствата за стјуардесите се наоѓа одлична порака за родителството: за да можете да се грижите за детето, прво погрижете се за себе.

Автор: Невена Ловринчевиќ

Извор



912

X