Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 4,5 години, а оди во градинка од 9 месеци. Пелените ги остави на 3 години и досега сме немале проблем, ниту со ноќно ниту со денско морење (како дома, така и во градинка). Пред две недели во градинка се измочка (3 дена по ред) за време на спиењето. Еднаш бил буден кога се измочкал и му било страв да им каже на учителките, дури и се тресел. Го советувавме да им каже на учителките да го носат во тоалет пред спиење, дека нема потреба ниту да трпи ниту да се плаши. Но, повторно се случило истото, а учителката ми кажа дека барал повеќе пати да го носат во тоалет. Секогаш пред да го носам во градинка, одиме до кај мене на работа (на негово инсистирање) за да оди во тоалет, а кога разговараме за тоа, ми кажува дека во градинка никогаш нема да оди по голема нужда, а доколку му се мочка, ќе ѝ каже само на едната учителка, која пред две недели беше отсутна и мислам дека оттука почна проблемот. Мислам дека ова веќе му станува опсесија и стравот да не се измочка повторно, всушност, придонесува да го направи токму тоа. Ве молам за совет како да постапам за да не се влоши ситуацијата.

ОДГОВОР: Овие ситуации се чести кога децата се соочуваат со одредени промени или пак секојдневни случувања кои ги доживуваат доста стресно. Вашето дете поминува низ многу промени и ова многу често се случува кај децата во оваа возраст, а особено со децата што се во градинка.
Имам чувство дека голем фокус е ставен на тоа да се отиде во тоалет… не знам дали и пред да се случи ова сте поминувале кај вас на работа пред да отиде детето во градинка. Од она што го опишувате, звучи како вашето дете да има зголемен страв од користење на тоалетот. Ова предизвикува задржување, што доведува до несреќи со често мокрење, а доколку се плаши и одбива да оди по голема нужда, дебелото црево може да изврши притисок врз мочниот меур, што може да доведе до несреќи со мокрењето.

Би било добро да поразговарате од што толку се плаши во градинка, бидејќи ви кажал дека дури и се тресел. Зошто толку се плаши да ѝ каже на учителката? Дали многу се заигрува, па мисли дека ќе пропушти нешто и не чувствува дека му се моча? Дали се случило некој од групата да му се потсмева итн.
Исто така, дали ви се чини дека тој сака да има контрола? Дали неодењето во тоалет е поврзано со некој гнев, инает или ригидност? Можеби одбива да прави нешто што вие ќе го предложите. Во овој случај, децата се обидуваат да не одат во тоалет во обид да имаат контрола. Бидејќи не можат многу да контролираат во животот, на крајот го контролираат користењето на тоалетот за отпор кон авторитетот.
Секако дека отсуството на неговата омилена учителка ќе го доживува стресно доколку кога е таа тука тој се чувствува сигурно и прифатено. Но, вие можете да го поддржите вашиот син и да му помогнете да се чувствува посигурно во користењето на тоалетот. Со текот на времето неговото однесување ќе се промени. Тоа значи, кога детето го поддржуваме во однесувањето, мораме да внимаваме да не го преоптоваруваме со нашите интервенции и разговори и да не креваме паника.
Разговарајте со вашето дете. Погрижете се да разбере дека ова е нормален дел од растењето и дека не треба да се срами. Зборувајте му за себе и за татко му дека кога сте биле мали, сте имале исти незгоди и што сте правеле тогаш.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X