Здравје

Се одбележува Светска недела на доењето

Секоја година во периодот од 1 до 7 август традиционално се прославува светската недела на доењето, во глобална организација на WABA – World Alliance for Breastfeeding Action. Оваа година глобалното мото гласи „заштита на доењето – наша заедничка одговорност“. По тој повод, Јасна Апостолски – Николов, мед.сестра и сертифициран меѓународен лактациски консултант, заедно со Наташа Цветановска Тодосовска, сертифициран специјалист за доење и Весна Ѓурковска Каеска проактивист на тема доење и храна за деца, подготвија седумдневна програма која опфаќа повеќе активности.

Активностите започнаа со објава на т.н. „џебен прирачник за доење“, изработен баш по овој повод, посветен на сите семејства кои очекуваат или добиле принова и достапен за бесплатно преземање.
Вчера се одржа и свеченото отворање со презентација во согласност со овогодинешното мото – „Доењето е заедничка одговорност“.

Програмата понатаму нуди 5 едукативни работилници распоредени во два дена (вторник и среда), во кои се зборува за важноста на остварување на длабок фат на града; недостатоците и ризиците кои доаѓаат од примена на шише како метод на дохранување на новороденчињата; со стручна и едукативна презентација за влијанието на оралните рестрикции врз успехот на доењето. Следните работилници се тематски ориентирани околу започнувањето со немлечна дохрана и доењето, ставајќи акцент на важноста на хранење према ситост како клучен фактор во градење на здравите навики и здравиот однос према храната.

Програмата опфаќа и два настани планирани со физичко присуство, кои ќе се со ограничен број на посетители со цел да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Посетата на сите настани од програмата е бесплатна.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top