Зошто најмногу се нервираме кога најблиските ни солат памет?

„Убаво да си поминеш“, ѝ вели мајката на својата ќерка-тинејџер. „Мамо, те молам престани да ми кажуваш што да правам!“ Сочувствувам и со двете стани во оваа шега. Понекогаш толку многу нè малтретираат со совети што не сме ги барале, што едноставно не сме во состојба да ги трпиме и наједноставните.

Со сопругата имаме прекрасен брак. Една од причините за тоа е што сме научиле да избегнуваме да си солиме памет еден на друг. Се сеќавам на првите чекори во тој процес. Се враќавме дома од кино, мојата сопруга возеше. Забележав дека вози со втора брзина иако беше јасно дека треба да префрли во трета, можеби и во четврта. Бев глупав и ѝ го кажав тоа. Ништо не одговори, но острината на движењето со кое ја смени брзината и гласната тишина што следуваше потоа говореа: „Слушај другар, со години возам, не ми треба твојот надзор. Зар навистина требаше да го прекинеш разговорот за филмот за да ме подучиш како да возам?!“ И сето тоа поради моето љубезно: „Драга, мислам дека треба да пренесеш во повисок степен на пренос, така се троши помалку гориво, а и моторот не се оптоварува“. Признавам, кога малку размислив – и мојата реакција би била речиси иста кога би добил сличен совет од неа.

Советите од други лица нè иритираат ако се дадени во погрешно време и без такт

Сопругата и јас не сме единствените луѓе што не сакаат да добиваат совети што не ги побарале. Додека се подготвував да го напишам овој текст, на интернет ја пребарав фразата „небарани совети“ и налетав на интернет-анкета со прашање: „Дали сакате совети што не сте ги побарале?“ и три понудени одговори – да, не и единствено ако доаѓаат од вистинска личност. Последниот пат кога ги проверив резултатите, 847 луѓе дале одговор и само 6% одговориле „да“ (веројатно дошле од друга планета), 56% одговориле „не“ и 38% одговориле дека ги земаат предвид само оние совети што доаѓаат од вистински личности. Лично, не сметам дека работата е во вистинските личности; важни се и тајмингот и начинот на кој се нудат. Советите од пријателите, партнерот, роднините, шефовите, лица што ги познаваме или странци – еднакво можат да нè иритираат ако се дадени во погрешно време и без такт.

Се разбира, понекогаш и небараниот совет може да биде добредојден. Ако влегувам да се капам во океан, а некој ми пријде и ме предупреди да не влегувам бидејќи штотуку биле забележани ајкули во водата, би му бил благодарен. Дури не би го ни сфатил како совет, туку како корисна информација што може да ми го спаси животот. Рака на срце, поблагодарен би бил на некој добар самарјанин кој би го изоставил делот од пораката со совет да не влегувам во вода и само би ме известил за ајкулите. Тогаш одлуката да не влегувам во водата би ја сметал за своја, донесена врз основа на сопствениот разум. Во тој случај не би имало ни трага од искушението да влезам во водата само за да докажам дека „јас го правам она што ЈАС ќе одлучам да го правам!“

Зошто реагираме на овој начин на несаканите совети? Зошто едноставно не прифатиме дека тие најчесто се знак на искрена грижа на другите и нивната желба да помогнат? Многумина што пишувале на оваа тема навеле многу рационални причини − пред сè дека советите ги доживуваме како знак за нечија доминација, наметливост или агресија, како критика, недостиг на доверба во нашите цели и приоритети. Се согласувам со ова, но би додал дека зад сите овие причини стои нашата желба да ја заштитиме сопствената слобода.

Човечките суштества се стремат кон слобода од оправдани еволуциски причини. Се спротивставуваме на контролата од другите луѓе. Тоа го правиме без оглед на нашата возраст и на тоа кој сака да нè контролира. Луѓето во брак се спротивставуваат на контролата од своите партнери; старите се спротивставуваат на контролата од нивните возрасни деца; децата од сите возрасти се спротивставуваат на контролата од своите родители. Се разбира, учениците се спротивставуваат на контролата на своите професори, што генерално е една од причините поради кои образованието генерално покажува толку слаби резултати.

Ако често им солите памет на децата, нема да ви побараат совет кога навистина ќе им треба

Кога нашите блиски ни даваат совети што не сме ги побарале, се чувствуваме загрозени бидејќи имаме потреба да ги исполнуваме барањата на оние што ги сакаме. Тешко е да се игнорираат нивните совети бидејќи се грижиме дека со одбивањето ќе ја доведеме во прашање својата љубов и почитта кон нив. Истовремено, не сакаме да се покориме на нивните совети затоа што сакаме да ја сочуваме својата автономија. Всушност, најмалку сакаме да ги послушаме советите од најблиските затоа што секогаш кога ќе го направиме тоа, ја нарушуваме рамнотежата на моќта во нашите меѓусебни односи во корист на потчинувањето, праќајќи порака: „Да, драга моја, многу си попаметна и знаеш повеќе од мене, така што јас секогаш ќе правам како што ти ќе кажеш“. Секој акт на послушност како да ја стега замислената јамка околу нашиот врат.

Поради тоа што истовремено сакаме да го послушаме советот од блискиот, да му ја покажеме својата љубов и да го игнорираме за да ја задржиме својата слобода − се фрустрираме, а потоа стануваме гневни. Затоа повеќе се нервираме кога нашиот партнер ни кажува како да возиме отколку кога тоа ќе го направи некој непознат.
Оваа појава полесно се разбира со пример меѓу сопружниците отколку со пример меѓу родител и дете. Брачните партнери се еднакви, родителот и детето очигледно не се. Родителот е поголем, посилен, повеќе знае за светот и ги контролира ресурсите. Но, на некој друг начин, родителот и детето се еднакви. Како личности, тие еднакво вредат. Со еднаква јачина ги чувствуваат своите желби, потреби и цели. Децата се многу попаметни отколку што сметаат повеќето возрасни. Свесни се дека зависат од возрасните, но истовремено чувствуваат силен нагон за независност. Од аспект на еволуцијата, тоа не е случајност – тој нагон ги поттикнува децата да преземаат ризици кои се нужни во процесот на растењето, во пронаоѓањето на сопствениот пат и преземањето контрола врз сопствениот живот.

Значи, мој совет за вас, што не го баравте, е да бидете онолку внимателни кога им давате небарани совети на своите деца колку што сте внимателни кога му го правите истото на вашиот брачен партнер. Колку почесто им солите памет кога не го бараат тоа од вас, толку помала е шансата да ве прашаат за совет кога навистина ќе им треба и да го послушаат ако е разумен.

Автор: Питер Греј, развоен психолог



912

X