Кај некои жени во последните месеци од бременоста повторно се јавува замор и раздразливост. Но, наскоро ќе дојде денот кога сè ќе се реши, а потоа следува период на бескрајно уживање во мајчинството.

7. месец

Мајка

Во овој период можете да забележите дека од градите ви излегува водесто-бела или жолта течност. Не грижете се, се работи за колострум – првото млеко кое настанува поради високо ниво на хормонот пролактин (тој ги подготвува вашите гради за доење). Вистинското млеко почнува да се лачи неколку дена по породувањето. Ако вашата бременост досега течела без проблеми, последен момент е да почнете со психофизички вежби.

Направете список за породувалиштето, како и список со неопходни работи за бебето. Кон крајот на седмиот месец треба да се направи третиот преглед со ултразвук. Во овој период почесто ќе мокрите поради зголемениот притисок на мочниот меур, а и нозете ќе ви отечат. Избегнувајте сè што ве стега, а ако забележите дека ви отекуваат дланките и лицето, задолжително јавете се на лекар.

Бебе

Вашето бебе забрзано расте и го пополнува своето тело. Процесот на созревање на функцијата на белите дробови се довршува, така што доколку бебето порано се роди, подготвено е за вонматеричен живот. Кожата има розова боја, рацете и нозете се зголемиле, а наборите на кожата полека исчезнуваат. Бебето е многу активно и вешто се движи во стомакот како риба во вода.

8. месец

Мајка

Од овој период би требало почесто да одите на контроли. Заморот почесто ќе ве следи бидејќи ноќниот сон е нарушен од постојаното барање на соодветната положба за спиење. Одморајте се преку ден, легнувајте секојпат кога ќе почувствувате потреба. Зглобовите и прстите и понатаму ќе ви отекуваат, а на овие непријатности ќе се „приклучат“ и болката во грбот, проширените вени и хемороидите.

Можете да очекувате бебето да се „спушти“, односно неговата глава да се намести во карличниот дел и да се подготви за породување. Кога ќе се случи тоа, ќе ви биде полесно да дишите, но притисокот ќе биде поместен надолу, така што можете да очекувате проблеми со гасови и уште почесто мокрење.

Бебе

Како што расте, бебето ќе има сè помалку простор, па секое негово движење ќе го чувствувате многу посилно. Веќе има свој ритам на спиење, така што ќе го менува периодот кога е будно и кога спие – вие тоа јасно ќе го почувствувате според неговата активност. И понатаму ликот се заокружува, образите добиваат форма. Главата на бебето е целосно обликувана, но коските во главата не се сраснати, па нејзината големина може да се приспособи на каналот за породување.

9. месец

Мајка

Во текот на деветтиот месец веројатно ќе одите на лекар еднаш неделно. Проверувајте дали бебето се поместило – барем десет пати во текот на денот. Доколку ви се чини дека бебето е невообичаено мирно, обратете се на лекар. Секој ден можете да очекувате да почнат трудничките болки. Преслушајте се уште еднаш. Дали сте подготвиле сè? Ако одговорот е да, искористете го времето до породувањето за одмор и собирање  сила за она што ве очекува.

Бебе

Бебето и понатаму добива на тежина. Тежината е важна бидејќи ја регулира телесна температура. Влакната од кожата на бебето главно исчезнале, косата ја прекрива главата, а трепките и веѓите целосно пораснале. На крајот од овој месец бебето е тешко околу 3 килограми и 400 грама, а долго 48-51 сантиметар, со можност за големи разлики. Но, најважно е што бебето е подготвено да се роди.



912

X