Родители на деца кои учествувале во натпреварот велат дека уште пред тој да се одржи се сомневале во неговата веродостојност, токму поради фактот дека се одржува онлајн

Веродостоен ли ќе биде крајниот исход од регионалниот натпревар по математика? Во ова се сомневаат родители на ученици кои учествуваа во натпреварот, со оглед на фактот дека тестот се полагаше онлајн, од дома, а тоа ја отвора можноста ученикот да се „снајде“, со цел да освои повеќе поени отколку што реално има капацитет и знае. Помош за одредени задачи се бараа и од членови на групи на „Фејсбук“. Секое дете имало два часа за да го реши тестот.

Во Сојузот на математичари, кој го организира натпреварот, oчекувале дека ќе има мамење, но сепак, оттаму велат дека резултатите нема да бидат поништени.

Дел од објава во група на „Фејсбук“ со која администраторот објаснува дека било побарано од него анонимно да ја објави задачата и да побара помош за решавање од другите членови, без да му каже дека станува збор за задача од натпревар кој се одвивал во исто време

„Нашето дете решаваше само и на крај излеговме глупави“

Родители на деца кои на 4 јули учествувале во натпреварот велат дека уште пред тој да се одржи се сомневале во неговата веродостојност, токму поради фактот дека се одржува онлајн, а со самото тоа и можноста да се мами додека се решава тестот.

– Сметам дека не е веродостоен исходот на ниво на натпревар, затоа што многу деца ќе освојат прва награда. Не може никој да знае дали секое дете самостојно го решило тестот. Кога истиов натпревар се одржувал во училница се внимава на децата, а дома сега имаа слобода да отворат Гугл, да отворат книга, да им дојде тетка математичарка, да седне родителот математичар да им го реши тестот. Исто така имаше можност како што и се случи, за некое прашања да се праша во група на „Фејсбук“. Во однос на бодувањата има прва, втора, трета награда и пофалница. После ова, многу деца ќе освојат прва награда со освоени од 90 до 100 поени. Која е логиката некое дете кое претходно добило само пофалница на општински натпревар, на регионален натпревар да има освоено максимални од 90 до 100 бодови – прашува Нина Јукиќ, мајка на петтоодделенец кој учествуваше во натпреварот.

Таа потсетува дека напреварот по математика не е воопшто лесен и дека треба да се размислува многу повеќе одошто се размислува кога се решава тест на училиште во рамки на редовната настава.

– На натпревар, секогаш им даваат задачи кои се на нивно ниво, но малку покомплицирани, за да видат дали децата размислуваат, дали ќе употребат логика и ментално дали се подготвени да решаваат задачи за повисоко ниво од нивнотo. Ние нашето дете го оставивме самостојно да ги решава задачите, а на крајот, излеговме глупави, зашто не сме се снашле – додава таа.

Нема да се пониши регионалниот натпревар по математика

Зошто овој натпревар мораше да се одржи токму сега и дали може да се случи да има обесправени деца, за сметка на некои кои мамеле во текот на решавањето задачи? Проф. д-р Ѓорѓи Марковски, претседателот на Сојузот на математичари вели дека ги имале предвид сите овие ситуации и знаеле дека може да се мами. Сепак, било одлучено натпреварот да се одржи затоа што веќе на 15 август, треба да се одржи државниот натпревар, а во септември, треба да се одржи балканскиот натпревар.

– Ова го очекувавме и затоа апелиравме на чесност. Разбрав за обидите да се бара помош од групи на „Фејсбук“, и тоа не е чесно. За решение на задача било прашано анонимно и тешко е да се најде кој тоа го направил. Се надевам дека обидите за мамење не биле пречести. Немаше опција да се одложи или откаже регионалниот натпревар, бидејќи децата треба да имаат одмор до август кога ќе се одржи натпреварот на ниво на држава, а потоа ќе се направи селекција и на деца кои ќе одат на балкански натпревар. Знаете, кога студентите на испит полагаат, контролата е поинаква, тие се снимени со камера и имаме увид во тоа дали има мамење, но овде беше поинаку. Овде имавме над 2.000 ученици кои беа дел од регионалниот натревар и кои реално невозможно е да се контролираат. Резултатите ќе бидат готови за неколку дена. Следен е државниот натпревар кој ќе се одржи во август и тој ќе се реализира во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, со физичко присуство – oбјаснува професорот Марковски.

Денешниот тест бил составен од 15 задачи. Учениците требало да ги решат задачите без постапка, туку требало само да го внесат крајниот резултат. Немало опција да се остави празно поле на некоја задача, бидејќи во спротивно не можело да се заврши и испрати тестот. Прашањата ги подготви комисијата при Сојузот, составена од математичари од кои дел се советници, дел се професори на факултет или во средно образование.



912

X