Колку од петките се реални, дали е возможно во училишта да има само по неколку четворки и колку укинатото екстерно ги охрабри наставниците да ставаат повисоки оценки?

Во цело училиште на прсти може да се избројат четворките. Со ова може да се пофалат голем дел од скопските основни училишта.
Листата со крајната оценка на сите училишта во скопските општини покажува дека учениците или многу учат или, пак, наставниците не ставаат помалку од петка. Драстично е поправена средната оценка кај сите училишта за разлика од предминатата година.

Ова, пак, го отвора прашањето колку од петките се реални, дали е возможно во училишта да има само по неколку четворки и колку укинатото екстерно ги охрабри наставниците да ставаат повисоки оценки?

Квалитетна настава, многу петки

Нашата анализа покажа дека на територијата на град Скопје, учениците од Општина Центар добиваат најмногу петки. Во седумте општински училишта средната оценка лани била 4,87. Две училишта имаат просек со 4,93 – „Димитар Миладинов“ и „Кочо Рацин“. Со просек 4,92 е „Гоце Делчев“, но и останатите имаат висока средна оценка.

Висок е просекот и во Карпош и во Аеродром. Всушност, во сите општини, освен во Сарај и во Шуто Оризари, средната оценка е над 4.
Директорката на Основното училиште „Јан Амос Коменски“, Емилија Арсовска, вели дека просекот на училиштата во градските средини секогаш се издвојувал, особено во скопските општини. Во нивното училиште лани просекот бил 4,88.  Вели дека една од причините за тоа е квалитетната настава.
– Квалитетот на наставата е на високо ниво, имаме добро опремено училиште, со многу надгледни средства, интерактивна настава, квалитетни наставници. Учениците се мотивирани да постигнуваат успеси и да учат – вели таа.

Погрешен систем за упис во средно

Но, според Арсовска, и самиот систем за упис во средните училишта си го прави своето, тој бара да се има петка по сите предмети.
– Според мене, многу е погрешен. Се креира непотребен притисок и врз учениците и врз родителите. Тоа треба да се промени. Зошто во врвните гимназии да се запишуваат само ученици со сите петки. Според мене, многу е подобро 70 отсто да се примаат одлични ученици, 20 проценти многу добри и 10 отсто добри. Ќе се исфилтрираат секакви ученици во секое школо и така ќе биде многу подобро за сите. Зошто некои гимназии да бидат привилегија само за одличните, а другите да бидат последната шанса за останатите ученици – објаснува Арсовска.

 

Четворката ја доживуваат трагично

Што се однесува до поправениот просек на сите училишта за разлика од предминатата учебна година, таа вели дека сигурно има влијание и укинатото екстерно.
– Послободни се сега наставниците. Сега, ако се двоумат за оценка, ќе ја стават поголемата, порано ја ставаа помалата – објаснува Арсовска.

Наставничка од основно училиште во Општина Центар вели дека постои огромен притисок од страна на родителите за ставање петки. Вели дека кога учениците ќе преминат од описно кон бројчено оценување, веднаш бараат само петки.
– Четворката ја доживуваат како трагедија. Има и плачење, па се јавуваат родители, директори. Со ова ние, наставниците, се соочуваме секојдневно. Уште во петто одделение мислат во кое средно ќе се запишат. Малкумина учат за знаење, приоритет е петката, за жал – вели таа.
Оваа наставничка вели дека просветните работници се и премногу оптоварени со административна работа, со инспекции кои нонстоп бараат документација, па малку време останува да се посветат на часот, на оценувањето и следењето на учениците.



912

X