„Си било еднаш,
многу одамна,
кога дури и потоците течеа спротивно,
зад седум земји,
и седум мориња,
дури зад Стаклената Планина,
таму каде што светот
речиси завршува,
си била една самовила.
Та, не само што била,
туку уште е,
оти, ете, тука седи на столот…“
Оваа самовила, драги деца, така седната зад столот, во својата триилјадита година од животот, ќе ни раскаже како од мало самовилче кое го нарекувале со погрдното име Малечка, станала Самовилата Гледачка во темнина. Како што можете да претпоставите, Малешката Лешка, најмалата од сите триста браќа и сестри самовили, била најневешта и оттаму го добила тоа погрдно име, неисполнето со суштинска карактеристика. Тоа толку многу ја растажувало, што навечер не можела да заспие, ни по приспивните сказни што им ги кажувала мајката-самовила на нејзините еден куп деца.
Една таква, бессона ноќ, откако го забележала загрижениот израз на ќерка си, мајката-самовила ја прашала:
„Зарем своите мисли ги гледаш во темнината?
Ги гледаш ли во темнината и изговорените зборови?
На пример, ако кажам ’роза‘,
ги гледаш ли нејзините црвени листови?
Ако речам ’блескаво сонце‘,
гледаш ли како заслепува дури и во темнината?
Оти ако е така,
ќе ти раскажам една сказна,
што преку изговорените зборови
ќе те одведе во најтемното ќоше
од седумдесет и седмиот остров на Црното Море“.
Тогаш мајка ѝ почнала да ѝ ја раскажува сказната за принцот Семка и неговата потрага по една тегла со мармалад, скриена токму во најтемното ќоше на седумдесет и седмиот остров на Црното Море.
Ќе речете, зарем се тргнува на толку долг и неизвесен пат за една тегла со мармалад, без да знаете дека во таа тегла живее некој мноооогу, мнооогу посебен.
Ако сакате да дознаете како Малечката Лешка, а сега веќе стара самовила, стана Гледачка во темнината и да откриете кој е тој толку важен што се крие во тегла со мармалад, поитајте на Саемот на книгата и побарајте ја сликовницата „Самовилата која гледа во темнина“.
За да имате поголем мотив да го сторите тоа, ќе ви споделам една супервест: на 9 мај, в четврток, во 13 часот, на Саемот на книгата ќе можете лично да си добиете потпис од авторот Ласло Багоши, кој доаѓа специјално од Унгарија за да ни ја одгатне тајната за настанувањето на самовилите и како тие си го добиваат своето уникатно име. А веројатно ќе ни каже и многу други магични приказни.
Мислам дека ваква пригода не се пропушта! Се гледаме на Саем! Јухууу!
912