Тина Дамеска (Доковска), психолог, семеен и системски психотерапевт

Тина Дамеска (Доковска), психолог, семеен и системски психотерапевт

„Промедика медикал центар“

Повеќе од авторот

Нашите деца се нашиот најголем влог, најголем труд, најголем предизвик. Да се трудиме заеднички да изградиме здрава личност која стабилно ќе чекори низ животот

Самопочит, самодоверба, самостојност. Ова се само едноставни зборови што се користат како синоними, на сите нам добро познати. Но, дали го разбираме нивното значење, нивната поврзаност и она што е најважно: како ние како родители придонесуваме да се развијат?

Да почнеме од самиот старт – времето кога детето учи и чувствува што значи да има доверба во другите околу него, односно кога ја добива потребната поддршка и наклонетост на оние околу него. Тоа значи навремено реагирање на неговите основни потреби, како доење, хранење, допир, односно држење во раце и галење, менување пелени, доволно сон и сите оние работи што родителот ги прави со љубов, свесност и посветеност.

Секако дека екстреми на ова ќе резултираат со недоверба. Во првата ситуација тоа би се случувало доколку го запоставиме новороденчето, а во втората ситуација доколку се трудиме да угодуваме цело време и во секоја ситуација бидејќи во тој случај никогаш не би научило што е стрпливост, самодоверба и способност да биде оставено малку само со себе.
Без оваа основна доверба животот станува многу потежок, во смисла на тоа дека и понатаму ќе влијае врз емотивниот развој кој е процес што трае долго време.

Вербата во себе како родител е исто така мошне значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, а најчесто тоа е мајката, има доверба во себе. Токму затоа е потребна едукација на родителите во врска со темите поврзани со развојните фази и потреби на детето, однесувањата кои се очекувани на одредена возраст, предизвиците што ги носи воспитувањето и друго. Ова е навистина важно бидејќи ваквата едукација им го дава основното знаење, а со тоа и поголема самодоверба, со што си дозволуваат да имаат поголема верба и повеќе да се потпираат на сопствените инстинкти, да размислат подлабоко за методите што ги користат и не вродуваат со плод или едноставно да научат како правилно да го насочат вниманието со цел подобро да ги пресретнат потребите на детето.

Ниту еден родител не се родил со знаење и прирачник, односно упатство за тоа како треба да се однесува со детето, иако постои и еден добар дел што како знаење и мудрост го носиме во себе природно, вткаено во нас низ генерациите и низ искуството на нашите предци. Кога научуваме како да се потпираме на таа мудрост, на своето знаење и на уникатноста на своето дете, ја развиваме самодовербата кај себе, но и ставаме камен-темелник за развивање на овие чувства и кај детето. Родителите се првиот и најсилен пример на кој се угледуваат децата.

На почетокот би го потенцирала значењето на физичката активност кај детето од најрана возраст. Тоа така учи, станува активно, го осознава светот, низ движење, низ допир, низ развивање на своето тело. Ова почнува додека е уште во мајчината утроба, а потоа овој процес само се усложнува и усовршува. Затоа е значајно не само да го мотивираме и охрабруваме овој процес на истражување и физичка активност, туку и да не го прекинуваме. Доста често, ставајќи ја безбедноста на детето на прво место и трудејќи се максимално да го заштитиме од гребаници и модринки, ние всушност создаваме неразвиено и закржлавено младо детско тело.

Значи, правилниот развој, доброто држење на телото и исправеноста секако влијаат врз самодовербата кај детето и родителите навистина треба да вложуваат време и енергија со цел да го обезбедат ова кај своите деца. Тоа оддава здравост, способност, спремност и самодоверба, а сепак, првиот впечаток што го добиваме и го оддаваме како личности е физичката појава. Ова е особено важно во ова време на смартфони и таблети, каде што сѐ повеќе педијатри и наставници пријавуваат искривување на ‘рбетот кај децата, болки, но и слабо развиени социјални вештини, повлеченост и анксиозност.

Детето е личност – ние како родители треба да сфатиме дека треба да го третираме со почит, внимание и прифаќање. Во спротивно, ние не ја градиме самодовербата кај детето, туку напротив, ја рушиме, со тоа што детето се огледува во нашите очи како невредно, недостојно за безусловна љубов, недоволно добро, неспособно и невешто.
Секако дека постојат деца кои се повеќе отпорни (резилиентни) на негативни влијанија од други луѓе, вклучувајќи нѐ и нас како први во неговото опкружување. Но, сепак, ние како родители имаме обврска да ја исполниме нашата домашна задача. Почитувајте ги нивните одлуки и избори, дури и кога станува збор за нешто мало или за нас смешно, на пример, дали сакаат да ја облечат виолетовата маичка, а не сината.

Вербата во себе како родител е исто така мошне значаен фактор во развивањето на довербата кај детето бидејќи детето чувствува дека личноста што се грижи за него во првиот период, а најчесто тоа е мајката, има доверба во себе

Или, пак, доколку е нешто што за нас е целосно неприфатливо или апсурдно, да имаме трпение и да дадеме објаснување зошто е така. Секако дека не треба да користиме погрдни зборови или навреди упатени кон детето или да покажуваме разочарување од него поради тоа што постапило различно од нас или направило грешка.
Ова важи и за односите помеѓу другите членови во семејството, а не само кон детето, бидејќи тоа во семејниот круг гледа и учи што е почитта и како ја изразуваме, кон себе и кон другите.

Збор-два за охрабрувањето. Како детето учи што е добро, а што не? Како учи што е социјално прифатливо, а што не? Од најмала возраст за сите свои дилеми и нејаснотии прво погледнуваат кај родителот в очи. Мислите дека е тоа случајно така? Бараат дозвола и охрабрување од нас. Без разлика дали станува збор за пробување нов вкус на храна, отворање нова играчка или запознавање нов човек. Значи, охрабрувањето е потребно во различни и нови ситуации, со што помагаме во создавањето личност која нема да биде плашлива, анксиозна, повлечена.
Може ќе нѐ чини повеќе време, поголема неизвесност или грешки, но да ги оставиме децата да размислат и да се активираат за себе, односно да не правиме ние сѐ наместо нив. Во спротивно, како очекуваме децата да научат да се справуваат со секојдневните ситуации, а понатаму и со важните прашања и животни предизвици?

Пофалбата – сите знаеме како таа ни влијае нам, на возрасните, а теоријата и праксата покажуваат дека таа е од огромно значење и за децата. Дури и кога ја даваме за малите нешта—да не заборавиме дека можеби мали ни изгледаат само нам. За нив секој труд или постигната цел низ игра и активности може да е голема како планина која навистина заслужува пофалба. Со тоа на детето му даваме до знаење што е тоа што ни се допаѓа, но и му покажуваме дека сме присутни и дека го има нашето внимание. Затоа е важно децата да ја препознаат искреноста на пофалните зборови, односно да не ги кажуваме тукутака, туку кога навистина ги мислиме.

Во контекст на претходно кажаново, треба да ги моделираме нашите очекувања и да креираме услови и ситуации во кои нашите деца ќе можат да доживеат успех и да ги фалиме децата за својот обид, упорност и истрајност да решат некоја задача или да постигнат цел, дури и ако не успеат во тоа.

Eтикетирање – често знаеме да кажеме „цел си како татко ти“, „иста како мајка ти“ и слични изјави кога во нашите деца гледаме нешто што нѐ потсетува на партнерот, бабата, дедото. Но, ова често е кажано во негативен контекст, а „добрите“ карактеристики секој од нас сака да си ги препише на себе како лична заслуга, или „забораваме“ да ги споменеме. Со ова кај детето лепиме етикета со која може да почне да се идентификува низ процесот на растење. Ако го знаеме ова, тогаш ајде да ги видиме и позитивните примери и карактеристики кај детето и во семејството, да му ја раскажеме семејната историја, со која детето има потреба да се идентификува. Со тоа на детето му се остава простор да развие чувства на припадност и идентитет кон своето пошироко семејство, но и да ги види семејните вредности и идеали.

Обврски, одговорности независност – ова децата го гледаат и учат од најмали нозе. Тоа можат да бидат ситни обврски околу домот, помош околу расчистување на трпезата, собирање на играчките од подот по завршување на играта, помош околу грижата за помало братче/сестриче во домот, на пример, додавање шишенце, носење пелена и влажни марамчиња и слични активности за кои знаеме дека се во способност да ги извршат. Во дел од овие обврски спаѓаат и подготовките за утрешниот ден за во градинка или училиште, почнувајќи со облеката која се носи, тетратките или книгите што треба да се сместат во ранчето, зададените домашни задачи, доколку ги има, и така натаму.

Да не ја заборавиме природата – причинско-последичните односи, смената на годишното време, убавината на сето она што не можеме на ниту еден друг начин да го добиеме е токму тука – меѓу дрвјата, тревата, облаците, сонцето и водата.

Децата добиваат слика како функционира еден прекрасно поврзан систем, учат да го вреднуваат животинскиот и растителниот свет, да ја почитуваат неговата посебност и вредност, и да го увидат своето место и придонес во одржување и зачувување на овој систем.
Тоа можеме да им го овозможиме на децата со одење во природа, без разлика дали е тоа најблиската река, планина, одење на село; и без разлика на тоа дали тие посети се во форма на излет, кампување или барем редовни прошетки.

Нашите деца се нашиот најголем влог, најголем труд, најголем предизвик. Да се трудиме заеднички да изградиме здрава личност која стабилно ќе чекори низ животот, која ќе учествува во формирањето на хармонична заедница и во градењето на идното, здраво, подобро општество.

На сите нас како родители ни се поставуваат голем број прашања и дилеми и од нас се очекуваат значајни и одговорни одлуки во врска со иднината и добросостојбата на нашите деца. Охрабрете се и вложувајте правилно, дозволете им да го искористат својот потенцијал и, секако, помогнете им секогаш кога бараат помош од вас, но не давајте ја и не нудете ја за работи кои треба самостојно да ги извршат. Самодовербата се гради низ обиди и грешки, со тоа се гради и самопочитувањето, а самостојноста е крајниот посакуван резултат.
Ако имате дилеми и тешкотии во врска со вашето дете кои и понатаму продолжуваат да ве загрижуваат, обратете се кај стручно лице, психолог/психотерапевт.



912

X