Сакам.
Сакам да ти биде убаво.
Да уживаш секој ден, во секој момент.
Да ти бидеме асоцијација за сигурност, љубов, топлина, заедница.
Солзите да ти ги претвораме во насмевки.
Да ти ги обоиме сивите денови.
Да не дозволиме да има сиви денови.
Да ги помниш сите убави и среќни моменти.
Да те водиме на летувања и зимувања.
Да те научам да одиш. Да трчаш.
Да нè држиш за рака при прошетките. А потоа да се затрчаме малку и да те подигнеме, онака како што сакаат сите деца.
Да ти купуваме сладолед и пуканки на шеталиштето од уличните продавачи. Верувај, нема ништо поубаво од сладолед на точење. Со тато.
И од држењето за рака со мама. Со време ќе сфатиш што се тие раце. Но, со време. Јас тоа го сфатив кога те добив тебе. Знаев и претходно, но не целосно.

Сакам.
Тато да те учи да возиш велосипед, да пливаш и да скокаш од карпа.
Да речеме дека имаш дар за пишување на мене. Да бидеш своја, имагинативна, доследна, истрајна. Биди слободна, тврдоглава. Мое е со тоа да се борам и да се изборам.
Кога ќе ти се плаче во животот – плачи. Но, јас ќе се потрудам што повеќе да се смееш – барем за оние работи што ќе бидат во мојата зона на влијание. Животот не е баш секогаш слатко од шумски јагоди од Шарган. (Ќе ти го објаснам ова кога ќе бидеш малку поголема)

Сакам.
Да ти бидам најдобрата мајка што можеше да ја добиеш.
Да бидеш горда на својот татко и на мене.
Да бидеме пријателки.
Еден ден, како големо девојче, а потоа и девојка, и жена, со мене да зборуваш за сѐ.
Да можеш да ми се довериш секогаш.
Тато, веројатно како и секој татко, момчињата ќе ги чека и дочекува намуртен.

Не грижи се.
И дедо се муртеше. До еден момент.
Откако те има тебе, не се мурти ни најмалку. Уште поблаг е отколку што бил. Сето она што мене не ми беше дозволено – тебе, ми се чини, ќе ти биде.
Едвај чека да почне од почеток, нова сезона на кажување приказни за добра ноќ.
„Чардакот ниту на небо ниту на земја“ е најубавата бајка. Верувај ѝ на мама.

Сакам. Да имаш среќно и радосно детство. Какво што имав јас.
Да бидеш здрава и среќна. Весела и разиграна.
Еден ден да бидеш она што ќе го посакаш во животот.
Да бидеш опкружена со добри луѓе, да научиш да ги препознаеш оние што не се.
Да не се лутиш, барем не долготрајно на мене, додека викам по тебе да не одиш боса, убаво да ја исушиш косата, да понесеш чадор и да облечеш маица.
Верувај ми, сето тоа е баш досадно, но е посилно од една мајка.

Сакам.
Сакам.
Да се запишеш еден ден на факултет, да патуваш, да ги посетиш сите градови и места што ќе сакаш.
Секогаш да гледаш светло, без разлика во кој тунел ќе влезеш во животот.
Да не се плашиш кога ќе ти се чини дека се тресе гората од некој проблем.
Многу пати гората се тресела, а се родил глушец. А сѐ е решливо.
Кога имаш каде да бидеш, да си одиш или да се вратиш.


Сакам еден ден, кога за тоа ќе дојде ред, а ќе дојде бидејќи годините се тркалаат како лубеници низ брдо, да најдеш некој што ќе те сака и чува како што твојот дедо ја сака и чува баба, а твојот татко мене. Да те третира онака како што заслужуваш. Добро, сега веќе отидов предалеку. Но ете, да знаеш. Сакам да знаеш дека си најубавата работа што ни се случила. И не, тоа не е убава приказна за весници.
Тоа е вистината.
Ми помогна да го завршам портретот на својот живот.
На сѐ додаде боја.
Сѐ разубаве, воздигна, промени. На сѐ му даде смисла и поента.

А тато и јас…
Стануваме наутро и легнуваме навечер со истата цел, а тоа е тебе да ти биде добро. Тебе ништо да не ти недостига. И така ќе биде сѐ додека сме ние тука.
Мило наше девојче.

Автор: Мајката на Уна



912

X