Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

Во пресрет на Светскиот ден на учителите да ја пренесеме оваа порака која во себе крие и грижа за младите генерации. А како ги третираме денес учителите? Кои се причините што не се доволно почитувани?
Одговорот можеби е во перцепцијата на нивниот статус. Пред еден век учителите биле меѓу најобразованите во општеството, а денес тоа ниво на образование го имаат многумина. Дали оттука произлегува „правото“ секој да може и да смее да ги критикува и да ја проценува нивната работа?
Родителите и нивните ставови сега се многу променети од порано. Денес, родителите тргнуваат од претпоставката дека нивните најмили мора да се секогаш во право, па оттука учителот не е во право и го напаѓаат и го обвинуваат за недисциплината и за лошите оценки на нивното дете. Има и родители што се пријателски настроени, ги поддржуваат и сакаат да соработуваат со учителите. Дали овие родители имаат повеќе „среќа“ нивните деца да учат кај подобри учители? Не, тоа се истите учители. Овие родители само сфатиле дека на овој начин нивните деца ќе го добијат најдоброто можно образование.

Затоа родители:
– не „тепајте се“ кај кој учител/учителка  да учи вашето дете, направете сè што е во ваша моќ и детето и вие да си го/ја сакате и почитувате учителот/ учителката;
– не зборувајте пред детето никогаш, ама никогаш, ништо, ама баш ништо негативно за учителот, само така ќе го научите на добрина, љубезност, разбирање и да го презира озборувањето;
– обидете се да поминувате што повеќе време со своето дете, колку и да е тоа некогаш невозможно, родителот е еднакво важен учител на своето дете.

Политиката исто така е причина зошто се учителите помалку почитувани. Се добива впечаток дека колку повеќе се зборува и се посветува внимание на образованието, толку тоа е полошо. Сè повеќе се бирократизира и теоретизира, а практиката воопшто не се менува квалитетно. Уште повеќе, кога ќе се каже дека нешто во образованието не е во ред, мора да има и виновници, а тоа најчесто се учителите. Но, не заборавајте, учителите само го работат она што Министерството за образование од нив го бара. Лесно е да се оквалификуваат учителите како мрзливи и да се обвинуваат за сите недостатоци на образовниот систем, а жалосно е што ова се прави заради политички поени.

Затоа креатори на политиките:
– колку порано ќе се оттргне образованието од политиката, толку побрзо ќе стане поквалитетно;
– што повеќе практичари во процесот на реформирање на образованието, толку ќе сме поблиску до подобри програми од сегашните;
– обвинувањето и префрлањето на топката меѓу себе не води никаде, грешките се дел од нашето работење, нашиот живот, да одиме понатаму и да учиме од нив.
И самиот општествен систем е против учителите. Само до пред неколку генерации ги немаше овие проблеми со дисциплината и оценувањето на учениците, а денес учителите не можат и не смеат да преземат ништо околу тоа поради стравот од вербални конфронтации, навреди и закани од страна на родителите, па и учениците. Оттука, мотивацијата за работа кај учителите е сè помала, а потоа се обвинуваат дека се слаби, попуштаат на притисок, нерешителни се или забошотуваат.

Учителите се учители на целокупното човештво, а сепак и тие се само луѓе, со сите свои доблести и слабости

Затоа професионалци и влијателни личности:
– не обвинувајте ги само учителите за недисциплината на детето, прашајте се и дали и каде може да е проблемот и кај некој друг/други;
– само кога ќе престане да се бара оценка повеќе и секоја оценка ќе има своја вредност, ќе разговараме и за квалитетни кадри и квалитетно општество;
– образовниот систем мора да стори нешто со што ќе ги заштити учителите, постојаниот притисок и влевање страв кај некој што треба потоа да работи со деца и целосно да им се посвети е недопустлив.
Работата на учителите е многу важна за успехот на едно општество, без разлика дали истото тоа го разбира, признава и вреднува. Учителите треба да уживаат во многу повеќе привилегии, да се вреднуваат согласно важноста на она што го работат иако тоа сè помалку го добиваат. Учителите се учители на целокупното човештво, а сепак и тие се само луѓе, со сите свои доблести и слабости.
Драги учители, ви благодариме што сè уште сте трпеливи, одговорни, вредни, ви благодариме за она што го правите за нашите деца и за нашето општество.



912

X