Игротека

Сајбер-булинг меѓу родителите. „Ајде да престанеме да си бидеме непријатели едни на други“

Мајките добиваат голема поддршка од другите мајки кога ќе ја побараат на социјалните мрежи, ако се загрижени или им раскажат дека нешто лошо се случува.

Кога некоја мајка ќе објави дека се породила, другите мајки и трудници што се нејзина генерација ѝ честитаат. Тоа е убавата страна на социјалните мрежи.

Но, постои и онаа лошата, каде што мајките меѓусебно се понижуваат и се навредуваат. Кога ќе ми се случи да прочитам некоја расправија меѓу нив, ме преплавуваат силни емоции, најчесто непријатни.

Како и во секоја друга популација, и меѓу мајките постојат одреден број личности со скромна емоционална интелигенција, на кои им недостига сочувство и кои се желни да понижуваат, исмејуваат и усрамат други мајки со кои не се согласуваат.

Неодамна една страница на „Фејсбук“ што се занимава со родителство објавила анонимно прашање за своите членки. Мајката прашала дали другите мајки им готват зеленчук на бебињата во обична вода или за тоа мора да користат купечка вода од шише. И самата страница што го споделила прашањето дала бесен коментар, повикувајќи ги следбениците слободно да кажат нешто еднакво злобно. Мајките се натпреваруваа која ќе даде поциничен одговор.

– За драгоценото стомаче на вашето бебе исклучиво вода „евијан“ – беше еден од таквите коментари.

А мајката што го поставила прашањето била само една исплашена мајка на која, како и на сите нас, ѝ давале совети дека за бебето не е добра водата од чешма. Мајките што се поискусни и имаат повеќе деца, секако дека нема толку строго да ги следат препораките на педијатрите, советниците и медицинските сестри. Но, оваа мајка, сигурна сум, била нова во целата приказна, а беше прилично брутално исмејувана.

Кога се води дебата за доењето, адаптираните млечни формули, начинот на воспитување деца, многу мајки си дозволуваат да ѝ кажат на друга мајка: „Каква мајка си ти“, „Какви сè мајки има“, „Кој сè денес има деца“, да употребат изрази како „злоупотреба“, „ужас“, „негрижа“, очигледно не сфаќајќи или не грижејќи се каква тежина носат овие зборови и дека не им е местото во расправии околу органскиот или неорганскиот зеленчук.

Во дискусиите за родителството се чини дека има многу повеќе ваков сајбер-булинг отколку во другите дискусии. Брене Браун, авторка која се занимава со истражување на чувството на срам, вели дека колку што ни е поважна темата и колку што е поголем емоционалниот влог, толку е и поголема нашата потреба да бидеме во право и подобри од другите. А родителството е една од најодговорните и најризични задачи што можеме да ги преземеме. Нашата потреба за извесност и сигурност, истакнува авторката, кај нас создава уверување дека мора да постои еден правилен метод. А кога станува збор за толку чувствително поле како родителството, стравот да не погрешиме нè принудува секоја постапка на другите родители што е различна од нашата да ја толкуваме како погрешна и неправилна. Ако постои само еден правилен начин, тогаш е неопходно да покажеме дека нашиот начин е токму тој правилниот, а другите родители грешат. Родителството е толку брутално поле на меѓусебно засрамување и вербално насилство токму затоа што влогот е голем. Затоа на многу мајки им е тешко прифатлива помислата дека може да биде совршено здраво дете и она дете што е доено и она што не е, и дека еднакво добра мајка може да биде и онаа што се откажала од кариерата за целосно да се посвети на воспитувањето деца и она што брзо по породувањето почнала да работи. Ако е и тој родител добар, тогаш што мене ме прави посебен/посебна?

За секој што има сочувство тешко е да ги чита овие дискусии, дури иако воопшто не се однесуваат за нас. Претежно, нè преплавува сочувствително чувство на срам и лутина. Сакаме да ги заштитиме нападнатите мајки, а од друга страна, не сакаме да си го навлечеме сиот тој гнев. Барем јас се чувствувам така кога читам.

Би сакала да можам да им кажам на сите мајки: Ајде да престанеме да си бидеме непријателки една на друга. Многу е лесно да се повреди другата мајка. Мајките немаат никаква заштита околу срцето. Мнозинството од нас се фантастични мајки. Да, имаме различни ставови, но на крајот на краиштата, имаме и различни деца. Она што можам да го изнесам уверливо и сигурно, можеби ти не можеш. Твојот е некој сосема друг начин во кој јас не би се снашла.

Секој има свој начин на родителство што е скроен по мерка за него, за неговиот сензибилитет, за неговиот темперамент итн. И да не заборавиме дека нашите деца потекнуваат од нас и дека ничиј друг начин на воспитување за нив нема да биде природен колку што е нашиот.

Автор: Жељка Курјачки Станиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top