Ако вашето дете од 7 или 8 години одеднаш почнува да се онерасположува и расплакува, не сте сами. Промените во нивното однесување може да се должат на предвремено полово созревање (адренарха), што може да влијае врз тоа како вашето дете се справува со своите емоции.

Како мајка на четири девојчиња, немав претстава што се случува кога мојата втора ќерка наполни 7 години и од весело девојче се претвори во луто дете кое го губеше трпението и за најтривијални работи.

Мојата непосредна мисла беше дека нешто се случува на училиште, но откако зборуваше за нејзините чувства, ми кажа дека не знае зошто е толку вознемирена и лута. Кога им го споменав ова на нејзините наставници, тие ми рекоа дека хормоналните промени низ кои поминуваат децата во второ одделение понекогаш се полоши од самиот пубертет.

Научив дека причината за промената на однесувањето на ќерка ми е малку позната фаза на развој наречена адренарха. Научниците внимателно ја разгледувале оваа фаза и веруваат дека децата почнуваат да доживуваат наплив на хормони на возраст од 6 до 8 години, што може да предизвика зголемени емоции. Во продолжение можете дознаете повеќе за симптомите на адренарха и за најдобрите начини да се справите со нив.

Зошто се случува?

Истражувањето спроведено во Австралија покажало дека децата во второ и трето одделение доживеале зголемување на надбубрежните андрогени – хормони кои играат голема улога во пубертетот неколку години подоцна. Овој природен пораст на надбубрежните андрогени им се случува на сите деца, иако не секој покажува промени во расположението или однесувањето.

Адренарха е посебна развојна фаза што обично се одвива најмалку две години пред самиот пубертет, вели Џорџ Патон, професор по психијатрија за деца и адолесценти и раководител на одделот за истражување на здравјето на адолесцентите на Детскиот истражувачки институт Мардок, кој го водел истражувањето.

– Сега истражуваме за адренарха како важна фаза на развој во која децата поставиле некои од емоционалните и метаболичките основи за адолесценцијата. Токму во текот на овие години детето навистина почнува да го развива тој концепт за себе – вели тој.

Знаци на адренарха кај децата

Додека промените што се случуваат во пубертетот може да се видат однадвор, адренарха е главно период на психолошки и емоционален развој. Хормоните што проаѓаат низ телото на вашето дете може да имаат значително влијание врз тоа како ќе се чувствува, но помалку е веројатно да предизвикаат физички симптоми, како раст на срамни влакна, влакна под пазувите или акни.

Но, ако децата покажат физички симптоми, тоа ретко може да предизвика загриженост, освен ако тие не се придружени со прогресивен развој на градите пред 8, зголемување на пенисот и/или тестисите пред 9 и абнормален линеарен раст, според извештајот од 2016 година на Американската академија за педијатрија.

Со други зборови, може да забележите дека вашето 7-8-годишно дете изгледа луто или расплакано без никаква причина додека се бори да ги процесира своите емоции. Може да престане да се дружи со пријателите или може неговото однесување да биде некарактеристично. За среќа, постојат начини родителите да им помогнат на своите деца да управуваат со промената.

Справување со оваа фаза

Фазата на адренарха може да биде збунувачка за родителите бидејќи тие вообичаено очекуваат промени во расположението кога нивните деца се мали или тинејџери, вели Лиат Хјуз Јоши, автор на книгата „5-минутни родителски поправки“. Но, комуникацијата е клучна.

– Разговарајте со вашето дете за тоа како се чувствува тогаш кога и двајцата сте смирени. Работете заедно за да најдете стратегии што ќе му помогнат да се справи со своите чувства. Еден начин може да биде да го охрабрите да диши длабоко кога се чувствува вознемирено – советува Јоши.

Таа предупредува дека не треба да му се дозволува на детето да се однесува лошо едноставно поради хормоните.

– Проверете да не постојат и други работи во животот што би предизвикале промени во однесувањето на детето наместо сè да припишувате на хормоните – вели Јоши.

Автор: Кетрин Бол
Извор



912

X