И покрај ветувачката вест дека сите над 16-годишна возраст сега имаат право да примат вакцина против ковид-19, сепак има неодговорени прашања во врска со безбедноста и ефикасноста на вакцините. На пример, идните родители може да се прашуваат дали вакцината е безбедна за мајките што дојат. Иако сè уште нема конкретни одговори, експертите се согласуваат дека жените што дојат треба да се чувствуваат пријатно да се вакцинираат.

За почеток, тековно одобрените вакцини против ковид-19 се направени малку поинаку од вакцините на кои сте навикнале. Додека повеќето вакцини содржат мала количина на жив вирус, како вакцината за грип, „Модерна“ и „Фајзер“ создадоа ковид-вакцини користејќи РНК. Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објаснуваат дека РНК-вакцините во основа го учат вашиот имунолошки систем да прави антитела против коронавирусот, без никогаш да ве изложуваат на самиот вирус.

За многумина, пријатно е да се знае дека нема живи коронавируси во вакцината. Дури и да има, тоа не мора да влијае врз доењето. ЦДЦ објави дека е откриено дека живите вируси не се излачуваат во мајчиното млеко. Тоа значи дека вакцините како таа против грип, кои содржат малку вирус на грип, се сметаат за безбедни за време на доењето и нема да влијаат врз вашето бебе.

Лекарите сметаат дека вакцината против ковид-19 е безбедна за мајките што дојат

Елизабет Рансом, извршна потпретседателка и главен лекар во болницата „Баптист хелт“, вели дека Американскиот колеџ за акушерство и гинекологија издал упатства за вакцинација за мајки што дојат и за идните мајки.

– Американскиот колеџ за акушерство и гинекологија и Здружението за мајчинска фетална медицина силно веруваат дека бремените жени и доилките треба да се вакцинираат. Веќе неколку години бремените жени и доилките се советуваат да се вакцинираат. Иако во истражувањето не регрутирале бремени жени, но во 44.000 луѓе имало жени кои забремениле во тоа време, а Американскиот колеџ истакнува дека немало индикации за несакани ефекти – вели таа.

Гинекологот Марта Перез, која има доста следбеници благодарение на нејзините едукативни постови на „Инстаграм“, ја примила вакцината две недели по породувањето, додека доела. На нејзиниот профил таа објаснува зошто одлучила да се вакцинира додека дои.

Студии за мајчиното млеко и ковид-19

ЦДЦ известува дека клиничките испитувања на вакцините кои во моментов се одобрени за итна употреба преку ФДА не вклучуваат лица што биле бремени или доеле. Поради ова, ЦДЦ сè уште не може да обезбеди податоци за безбедноста на вакцината при лактација, како вакцината влијае врз доенчињата или како може да влијае врз производството на млеко.

Сепак, новите истражувања и за вакцината и за ковид-19 вклучиле бремени жени или доилки. За време на едно истражување на 131 жена, објавено во американскиот журнал за акушерство и гинекологија, истражувачите не откриле докази за зголемен ризик од несакани ефекти кај бремени жени и доилки што примиле вакцина „Фајзер“ или „Модерна“.

Дополнително, некои помали и нерецензирани студии испитале присуство на антитела пронајдени во мајчиното млеко на мајки кои биле заразени или вакцинирани. Истражувачите веруваат дека мајките што дојат и имаат ковид-19 може да им пренесат витални антитела на своите бебиња, ефикасно заштитувајќи ги новороденчињата од новиот коронавирус.

Ова истражување нуди ветувачко уверување дека оние што ќе се решат да ја примат вакцината додека дојат, всушност, можат да му пренесат антитела на бебето преку нивното млеко, но ова не гарантира автоматски дека вашето бебе ќе биде имуно на вирусот.

Не можете да му го пренесете вирусот на вашето бебе преку млеко

Загриженоста на повеќето жени во врска со вакцината за време на доењето се врти околу едно прашање: Дали моето бебе може да добие ковид-19 преку моето млеко ако се вакцинирам? Краткиот одговор е: не.

– Мислам дека секогаш постои загриженост: Може ли да го добиете вирусот од вакцината или дали бремените жени ќе му дадат вирус на своето бебе? Одговорот е не. Вакцината е заснована на РНК, што е мало парче генски материјал, а телото развива имунитет кон тоа, така ние стануваме заштитени. Во него воопшто нема жив вирус – вели Рансом.

– Бидејќи не е жив вирус, нема вирус што може да се пренесе. Иако околу четири на 100 луѓе имале температура по првата доза на вакцината во испитувањето и 16 на 100 по втората доза, тоа не значи дека се заразиле. Тоа се очекувани одговори на вакцината и индиции дека вакцината го вооружува вашиот имунолошки систем да се бори против вирусот доколку се заразите – вели Кјерсти Агард, доктор и специјалист по медицина.

Ренсом вели дека медицинската заедница се надева дека ќе има понатамошно истражување на бремени жени и доилки кои ќе примаат вакцина. Дотогаш, најдобро е секоја жена што е заинтересирана да се вакцинира, да разговара за тоа со својот лекар.

– Мислам дека ако сте бремена, добро би било да разговарате со вашиот гинеколог – вели Рансом.

Агард додава дека жените што дојат и се обидуваат да одлучат дали да се вакцинираат, треба да ги знаат ризиците од вакцинирањето и ризиците од заразувањето со ковид-19.

– Бремените жени имаат петпати поголема веројатност да бидат хоспитализирани, три до четирипати поголема веројатност да завршат на интензивна нега, на кислород или респиратор – вели Агард.

Извор



912

X