Воспитување

„Сѐ би дала да можам да ги вратам тие прегратки“ – што би сакале да направат поинаку мајките на веќе возрасни деца?

По разговор со мајки чии деца „го напуштиле гнездото“, на прашањето што би им кажале на помладите верзии од себе и што е она за кое жалат, тие рекле:

Колку и да ги обожавам моите деца, понекогаш брзам да пораснат наместо да уживам во секој момент“, пишува Габриела Гарсија. „Едвај чекам да научат сами да се облекуваат, да подготвуваат оброци за себе или да прават нешто без постојан надзор“.

За кариерата и семејството:

„Кога би можела да го вратам времето назад, повеќе би се вклучила во образованието на моите деца. Би волонтирала на училиште, би помогнала на саем за наука, би помогнала да се организира превозот на децата. Работев толку напорно што се чувствувам како да ми недостигаше да пораснам со моите деца и да ги формирам во личности“. (Џил Џ.)

„Без дилема, тврдам со 100 % сигурност дека би работела помалку. Не ми се верува колку брзо помина времето. Би била повеќе тука за моите деца и помалку стресена за работата. Ќе се погрижев да имаме семејна вечера секоја вечер. Не би дозволила мојата работа толку да влијае врз мојот семеен живот. Сè уште работам, но моите деца веќе долго време не се под мојот покрив“. (Ванеса К.)

„Мојот сопруг и јас многу се расправавме за пари. Секогаш бевме загрижени дали ќе можеме да ги платиме сметките, дали ќе имаме доволно за активностите на децата, како и дали ќе можеме да заштедиме за нивното студирање. Посакувам да имаше повеќе мир и љубов во нашето домаќинство наместо стрес и кавги. На крајот секогаш се плаќаа сметките и нашите деца завршија на одлични универзитети како стипендисти. Сиот тој стрес и грижа само создадоа хаос во нашето семејство“. (Мерилин С.)

За исхраната:

„Денеска не би се возбудувала поради нивната пребирливост. Гладните деца јадат, а ниту едно дете што сум го сретнала не умрело од глад. Би заштедила многу време и нерви“. (Џуди М.)

„Доење или адаптирано млеко, органска или неорганска храна – на крајот на денот, завршувате со дете кое јаде корнфлекс од валкан под или тинејџер кој избира брза храна наместо вашиот здрав оброк што го подготвувавте со часови“. (Арасели А.)

„Не би губела толку време грижејќи се што јадат моите деца. Сѐ додека имаат здрав избор, би се опуштила и би им дозволила да си го изградат својот вкус. И јас не би исполнувала сечии желби, туку би послужила по едно јадење за секого наместо да правам две или три различни“. (Летиша Ј.)

За учењето:

„Не би се грижела дали моите деца заостануваат зад другите во учењето, спортот или социјалниот живот. Сè доаѓа во вистинско време за секое дете“. (Џенифер Л.)

„Би сакала да ги научев децата на основите, како да готват, да вршат домашна работа, да перат облека, да штедат и слично. Исто така, би сакала да ги научев како да се справат со стресот, грижите и разочарувањата. Секогаш мислев дека тоа самото ќе дојде, но не е така. Ним им треба водство, дури и како возрасни“. (Елејн Х.)

За домаќинството:

„Голем дел од слободното време го поминував во средување на мојот дом за секогаш да биде како од каталог. Кога би можела да го вратам времето, би се потрудила да си го одржувам домот во просек уреден и да поминувам повеќе време играјќи си со децата. Децата нема да се сеќаваат на вашата брилијантна кујна, туку на квалитетното време поминато со вас“. (Глорија Н.)

„Во ред е на децата да им биде досадно“. (Април М.)

„Би била помалку сериозна и позабавна. Почесто би велела ДА. Би слушала повеќе. Би уживала повеќе во сѐ – од мокри пелени до прегратки пред спиење. Затоа што тоа не трае вечно“. (Френк В.)

„Јас и мојот сопруг бевме премногу строги за нашите деца да спијат со нас в кревет кога сакаа да се гушкаат или беа исплашени. Инсистиравме да останат во нивната соба и во нивните кревети. Сега би ги оставила да спијат и да се галат со нас кога сакаат. Би дала сѐ за да можам да ги вратам тие прегратки.“ (Дулче Ј.)

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top