Владата на Русија објавила дека ја оживува почесната титула мајка хероина од советската ера за жените што имаат 10 или повеќе деца. Одлуката за овој потег следува поради падот на населението, кој се забрза по инвазијата на Украина. Според указот потпишан од претседателот Владимир Путин оваа недела, титулата ќе им биде доделена на оние што ќе родат и одгледуваат 10 руски државјани, а ќе добијат сума од еден милион руски рубљи кога 10-тото дете ќе наполни една година.
Во указот се наведува дека на децата мора да им се обезбеди „соодветно ниво на здравствена заштита, тие мора да се образоваат и да се развиваат физички, духовно и морално. Сите 10 деца мора да бидат живи, освен ако не загинале за време на воена, службена или цивилна служба или во терористички напад.
Титулата мајка хероина е установена во 1944 година и се доделувала до распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Мајките хероини се еднакви со оние што ја добиваат титулата херој на Руската Федерација за храброст или оние што се наградени како херои на трудот за служење на државата.

Демографски предизвик
Бројот на работоспособни жители на Русија се намалува од 2010 година, покажуваат податоците на ОН. Аналитичарите долго време истакнуваат дека опаѓањето и стареењето на населението во земјата веројатно ќе го ограничи растот во наредните децении.
Прогнозата на „Економист интелиџенс јунит“, објавена претходно оваа година, проценува дека вкупното население на Русија може да се намали за 8,4 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1995 година. Нападот на Русија врз Украина го забрза негативниот тренд. Населението на Русија се намалило за рекордни 86.000 луѓе месечно од јануари до мај, пишува „Москва тајмс“, повикувајќи се на официјални податоци. Претходниот рекорд беше пад од 57.000 луѓе месечно во 2002 година.
Иако Русија претрпе големи загуби од почетокот на инвазијата, податоците на државната статистичка агенција „Росстат“ покажуваат пад на бројот на смртни случаи од година на година, поврзувајќи го падот на населението со миграцијата и намалувањето на наталитетот. „Росстат“ вели дека вкупното население сега изнесува 145,1 милиони.