Многумина мислеле дека разнобојната коцка што ја измислил Ерно Рубик пред педесет години нема да ги преживее 80-тите. Сепак, милениумците и генерацијата З се исто толку луди по Рубиковата коцка како и нивните родители.

-Во дигиталниот свет полека забораваме дека имаме раце. Но, рацете се нашите први алатки, а коцката ни помага да се вратиме на нешто исконско преку игра. Врската помеѓу умот и рацете, што ја промовира коцката, е многу важен фактор во развојот на човекот. Мислам дека коцката нѐ потсетува дека имаме раце… Не само што размислувате, туку правите нешто додека го правите тоа – изјавил Рубик во интервју.

Рубиковата коцка поволно влијае врз развојот на мозокот кај децата, бидејќи е одлична забава која ги зајакнува сивите клетки и ја подобрува концентрацијата. Играјќи со оваа популарна загатка, децата се поттикнуваат самостојно да ги решаваат проблемите, што дополнително ја развива нивната упорност, одлучност и трпение. Покрај тоа, Рубиковата коцка го подобрува чувството за простор и ја зајакнува краткорочната меморија. Таа е одличен стимул за развој на когнитивните процеси и способности, а исто така го промовира развојот на интелигенцијата и може да помогне во спречување деменција.

43 квинтилиони

Унгарскиот професор по архитектура не сонувал дека прототипот што го дизајнирал ќе го освои светот и ќе ја реши неговата егзистенција. Продадени се повеќе од 500 милиони примероци од култниот предмет, што ја прави Рубиковата коцка една од најпродаваните загатки во светот, не сметајќи ги безбројните фалсификати.

Постојат повеќе од 43 квинтилиони, а квинтилион е милијарда трилиони, начини да се реши.

-Дури и по илјадници години, сепак ќе најдете нови начини да ја составите – рекол Рубик.

Чудо од дете

-Тоа е како да имаш чудо од дете во семејството. Но, понекогаш треба да се повлечеш затоа што тоа дете и таа слава можат да бидат заморни – го опишал Рубик неговиот однос со коцката.

Во книгата објавена во 2020 година, Рубик открил дека никогаш не му била намера да остави свој белег во светот, туку наместо тоа, бил воден од неговата љубов кон градењето геометриски модели. Биле потребни неколку прототипи и недели на брејнсторминг за да се дојде до идеалниот механизам и начин да се реши неговата загатка, пред да може да поднесе барање за патент во 1975 година.

Коцката се појавила на унгарскиот пазар во 1977 година, а на меѓународните полици три години подоцна. Рубик го опишал сето она што се случило потоа како „неверојатно“. Меѓу другото, коцката му овозможила да патува на запад.

Добро пензионирање

И покрај неговата срамежливост, пронаоѓачот со текот на годините собрал колекција од околу 1.500 корици на списанија со неговата коцка, која станала „симбол на сложеност“, за илустрација на сè – од геополитички прашања до избори.

„Или ја сакаш или мразиш“, рекол тој, „но не можеш да ја игнорираш“.

Наследството на Рубиковата коцка силно живее во поп-културата, прикажано во многу телевизиски серии и холивудски хитови. До денес, таа е централен дел на сите натпревари за решавање загатки. Мајсторите на коцки често се собираат, се борат со раце и нозе, со врзани очи и на различни начини, за да ја решат што побрзо.

Коцката има место на постојана изложба во Музејот на модерна уметност во Њујорк, а е едукативна алатка која се користи насекаде, од градинки до универзитети, и е популарна во пензионерските домови и им помага на луѓето што живеат со аутизам. Рубик рекол дека емотивните награди што му ги донела коцката биле подобри од „добрата пензија“ што му ја обезбедила.

-Убаво е чувството да се направи нешто добро за луѓето – заклучил тој.

Извор



912

X