Игротека

Родив на 46 години, па често ме нарекуваат баба наместо мајка

Дали постојат совршени години кога треба да се роди бебе? Секој ќе одговори на ова прашање на свој начин. Одлуката кога да имате дете не зависи само од возраста, туку и од менталната и физичката состојба на родителите. Иако ризикот од многу наследни болести и состојби кои би можеле да се избегнат на помлада возраст се зголемува со возраста, денес можеме да видиме многубројни примери на мајки што родиле во својата 40-та година.

Една од нив е Британката Кејт Лоу, која забременила на 46-годишна возраст и на свет го донела синот Елиот. Кејт сфатила дека ѝ доцни месечниот циклус, но првото нешто на што помислила било дека влегува во менопауза. Сепак, се покажало дека таа повторно забременила. Од вториот брак Лоу има 9-годишен син, а од првиот брак има два сина на возраст од 23 и 26 години. Сепак, како што вели, нејзината последна бременост била малку поинаква.

– Бев поуморна отколку во другите бремености. Кога сте во 40-тите години, потешко е да се будите на секои два часа во текот на ноќта, а мојот грб и понатаму ме боли од наведнувањето над креветчето – вели таа и додава дека станала многу пораздразлива, но знаела дека сето тоа брзо ќе помине. Она што го наведува како една од најпозитивните работи поврзани со доцната бременост е помошта што ја добила од своите синови. Освен тоа, знаела што ја чека и како да се подготви за доаѓањето на бебето. Бидејќи поминале неколку години од последната бременост, таа забележува дека технологијата многу напреднала и дека ѝ го олеснила целиот процес.

Кејт вели дека не добила многу критики од околината, но кога е во парк во друштво на помлади мајки, чувствува дека имаат сосема поинаква состојба на умот.

– Имаше некои непријатни ситуации – признава Кејт додавајќи дека честопати мислеле дека е бабата на Елиот, на што таа одговорила со насмевка на лицето: „Не, јас сум неговата мајка“. Кејт тврди дека се чувствува помлада отколку што навистина е, но исто така е свесна дека ќе има 60 години кога нејзиниот син ќе стане тинејџер.

Придобивки за постарите родители

Едно истражување спроведено во 2012 година на Универзитетот „Харвард“ покажало дека децата на постарите родители живеат подолго. Генскиот материјал пренесен на децата обезбедува подолги краеви на хромозоми кои се тесно поврзани со животниот век. Краевите на хромозомите се скратуваат секојпат кога клетката се дели, што значи дека подолгите краеви значат подолг животен век. Да се ​​биде постар родител, исто така, значи да се биде емотивно подготвен да воспитува дете, потврди Универзитетот во Калифорнија. Со текот на годините, ние сме исто така многу постабилни и финансиски за да можеме да обезбедиме повеќе за детето.

Интересно истражување од 2017 година, исто така, покажа дека постарите татковци одгледуваат попаметни деца. Имено, таквите деца имаат малку поголем коефициент на интелигенција и полесно се фокусираат на своите интереси. Што се однесува до постарите мајки, истражување од 2012 година потврди дека постарите мајки воспитуваат значително поздрави деца кои се помалку склони кон несреќи. Сите овие предности потврдуваат дека никогаш не е доцна да се стане родител.

Постојат и негативни страни

Како што старееме, така полесно се заморуваме, па кога додаваме мало бебе во целата приказна, добиваме рецепт за хронична несоница и замор. Ова значи не само помалку енергија за секојдневните обврски, туку и помалку енергија што можеме да ја вложиме во игра и дружење со детето.

Исто така, имаме помалку пријатели кои се во иста ситуација бидејќи повеќето луѓе сѐ уште избираат да основаат семејство во доцните 20-ти и раните 30-ти години. Помладите родители се опкружени со пријатели во иста ситуација и можат да споделат искуства и совети, додека е малку потешко откако ќе наполниме 40 години. Но, она што всушност е најтешкиот дел од воспитувањето на детето во 40-тите и 50-тите години е сознанието дека ќе не можеме да бидеме со него кога ќе стане родител и дека времето што го имаме со него е многу пократко. Затоа е важно како родител да го цениме секој момент поминат со нашето дете, без разлика на тоа на колку години сме го родиле или посвоиле.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top