Без разлика кога ќе почнете да го основате своето семејство, станувањето родител е нешто кое е преполно со измешани емоции. Се јавува возбуда за почетокот на новата фаза од животот и гледање на сопствените деца како растат. Но, стравот од одговорноста за заштита на детето може да биде и преголем товар.
Моето прво дете се роди во раните 90-ти години. Бевме во средина на рецесија, а невработеноста беше на високи 10,9 проценти до 1993 година, а каматните стапки за станбени кредити се сметаа за добри, ако може да си обезбедите стапка помала од 16 проценти. И покрај сите негативни факти, јас бев возбудена што од болницата одам дома со сопругот и моето новороденче. Така беше сè додека не стапнав во лифтот во болницата и ме облеа страв – почнав да плачам. Мојот сопруг се изненади и ме праша што не е во ред? Му одговорив нешто слично на: „Па ти си доволно голем за да се грижиш за себе, јас исто така, но сега сме целосно одговорни за ова малечко дете секоја минута од секој ден и секоја вечер. Дали сме спремни и достојни за таа задача?“
Околностите во тоа време влијаеја врз моите емоции, фактот дека ќе живееме во тешки економски времиња навистина ми предизвикуваше загриженост. Имав сличен емоционален наплив кога следуваа вестите за терористичкиот напад на 11 септември во Њујорк, 2001. Тогаш имав 2 мали деца на училиште и 9-месечно бебе. Се сеќавам дека го гледав моето бебе и си мислев во каков свет сме го донеле. Во двете ситуации морав да се потсетувам себеси дека ќе има подеми и падови во животот – и дека ќе нè обликуваат. Работата на родителот е да му помогне на детето да ги менаџира и двете на најдобар можен начин.
Луѓето одгледувале деца илјадници години соочувајќи се со многу предизвици
Моите родители се родиле на крајот од Втората светска војна, а моите баба и дедо за време на Првата светска војна и живееле за време на пандемијата на шпанскиот грип. Тоа сигурно било ужасен загрижувачки фактор за новите родители во тие времиња, но тие се бореле со тоа и успеале да израснат генерации на функционални возрасни. Овие денови моите деца се дел од генерација која се соочува со тежок период за основање семејство во глобална пандемија на Ковид-19, сето тоа поврзано со економски реперкусии. Знам дека новите родители имаат ограничени посетители и од другите луѓе бараат имунизација и за други болести пред да дозволат некој да се грижи или да го посети новороденчето. Ова е голема промена откако моите деца се родија. Тогаш се чувствував како постојано да влегуваат луѓе низ вратата. Беше одлично да се има друштво, но во ретроспектива можам да видам дека можев да имам придобивка од поконтролирана ситуација. Искрено, мислам дека уживав во друштвото додека се обидував да изградам одреден степен на самодоверба како нова мајка. Тие посетители, исто така, ме потсетуваа дека светот сè уште функционира нормално надвор од мојата влезна врата.

Се разбира дека имаше моменти кога навистина ми требаше време насамо со бебето да си докажам на себе дека можам да постигнам сè што треба без да добијам нечија помош. Добрата вест е дека можев. И го сторив тоа. Исто така, сфатив дека животот може да биде тежок понекогаш, па секој животен тест морав да го поминувам со смирена глава и да се потсетувам себеси дека луѓето одгледувале деца илјадници години, соочувајќи се со многу предизвици. Тие преживеале, јас преживеав и знам дека родителите од оваа генерација и нивните деца исто така ќе успеат да се справат и да продолжат напред.
Автор: Мума Јак