Како и повеќето родители, имав идеја за тоа како ќе ги воспитувам децата уште пред на ултразвук да ја здогледам онаа точка. Знаев што сè нема да направам, а што ќе направам. Она што тогаш не го знаев е дека немав апсолутно поим од ништо.

Во теорија – сè е едноставно. Во практика, ништо не е. Моите деца никогаш нема да го прават ова или она, ќе јадат само здрава храна, ќе ги научам повеќе да сакаат сложувалки и книги отколку цртани филмови, ќе знаат да им персираат на постарите уште на 3 години, а од 4 ќе гледаат на часовник, ќе врзуваат врвки, ќе возат ролерки, велосипед и надвор ќе поминуваме најмалку 3 часа секој ден. Нешто од тоа се оствари, нешто не. Добро, повеќето нешта не, но не затоа што беше невозможно, туку затоа што открив една голема тајна на успешното родителство. Тоа е нешто што мене и на моите деца ни го направи поубав и поедноставен животот, а притоа баш ништо не изгубивме. Исто така, тоа е еден трик кој решив да го применувам и во односите со возрасните лица. Многу е едноставно и ефективно, а ќе ви заштеди еден тон нерви, како и на луѓето околу вас. Знам дека сега звучам како реклама, но еве доаѓаме до суштината.

А суштината е накратко – одбирајте ги своите битки.

Не звучи како некоја мудрост. Можеби затоа што не е, само што за тоа не мислиме, па често забораваме колку е всушност важно да се одбираат битките во животот, особено кога се децата во прашање.

Тоа го сфатив кога пред 3 години мојата тогаш тригодишна ќерка реши во јуни, на 27 степени, надвор да излезе со волнена капа на главата. „Ања, надвор има 27 степени. Топло е и не ти треба капа. Оди врати ја во фиока“.

„Но, ја сакааааам…“

И сега замислете го овој дијалог како се повторува уште 20 пати. По многу потрошена енергија успеав да ја убедам дека не ѝ треба капа и излеговме надвор. Таа беше тажна, а јас со истрошени нерви и без енергија за игра и смислен разговор до игралиштето. Но, важно е дека капата остана во фиока.

Да?

Па и не баш.

Тоа го сфатив на пат кон паркот, но веќе беше доцна. Што направив погрешно? Ѝ покажав дека не ѝ верувам оти таа самата може да ги процени своите потреби, ниту оние основните (дали нешто ѝ е пријатно или не), ја уверив дека нема право да одлучува за себе, потрошив многу енергија и нерви, а и двете излеговме незадоволни од дома.
Одбирајте ги своите битки со децата. Пред да кажете „не“, сопрете се на секунда и размислете – мора ли да биде НЕ и зошто. Ако мора, објаснете и држете се до тоа. Ако не мора, тогаш таа битка предајте ја.

Што ќе се случеше ако излезеше со капа? Можеби ќе ја носеше цело време и ќе ѝ беше топло. Можеби по 20 метри ќе ми ја подадеше и ќе ми речеше дека не ја сака повеќе. Можеби воопшто немаше да ѝ пречи. Што и да се случеше, подобро е од она што го направив.

Сега навистина ги одбирам битките. Пред неколку дена бевме кај баба и дедо на посета. Ања се сети дека го заборави ранецот во автомобилот и сакаше да оди по него. А надвор – потоп. Застанав на една секунда и размислив – имам ли вистинска причина да ѝ забранам? Со чадор, полека, ништо нема да се случи. И без чадор, па и ако накисне малку. Се разбира, сите со ред ми скокнаа – немој да ја пуштиш, гледаш како врне? Па добро, и? Како и? Па ќе накисне. До автомобилот има 10 метри, нека накисне малку, вие никогаш не сте накиснале?

Тишина.

Отиде по ранецот, се врати со неколку крупни капки на маичката и тоа беше сè. Сакаш да носиш тротинет иако одиме цело време по брдо? Нема проблем, но знај дека ќе ти биде тешко, ти одлучи. Сакаш да ја понесеш омилената нова играчка во градинка? Може, но ако ја изгубиш и ако се расипе, треба да знаеш дека нема да купиме нова. Ти одлучи. Сакаш ракавици на 30 степени? Па еве ти ги, зошто тоа да ми пречи мене?

Се разбира, има работи за кои ќе речете не, оние битки што мора да ги добиете. Нема да добие 100 грама чоколада и неограничено гледање цртани филмови. Нема во нови чевли да оди во парк кога знам дека таму има кал. Нема да може да јаде пред телевизор бидејќи се јаде на маса, со добра причина.

Ако ги одбирате битките што ги водите и ако оние неважните ги прескокнете, ќе ви останат многу повеќе нерви и енергија за оние што се навистина важни.

Извор



912

X