Новите родители често имаат чувство дека живеат во моментот, обидувајќи се да ги менаџираат непроспиените долги ноќи со новото бебе, да ги совладаат вештините за смирување кенкаво бебе или да продолжат да дојат додека патуваат. Но, времето поминува брзо, па за кратко време бебето станува дете. Данска важи за една од најсреќните земји во светот, па тука спаѓа и начинот на кој Данците ги одгледуваат своите деца. Џесика Џоел Александер, американска мајка омажена за Данец, и Ибен Дисинг Сандал, психотерапвет од Данска, се здружиле за да им помогнат на американските семејства да научат повеќе работи од данските родители преку нивната книга „Дански начин на родителство“.

Совети за родителство на дански начин

Оставете го детето да игра – една од главните работи што ги прават Данците е тоа што им дозволуваат на децата слободно да играат. Наместо да им даваат активности, родителите во Данска ги оставаат децата да уживаат самите. „Обидете се да ги извадите децата надвор во природа за да истражуваат со други деца на различна возраст. Детската игра ја гради самодовербата, а преку играта децата учат многу и од другите деца“, вели Џесика. Ибен сугерира да ги однесете децата на плажа и да ги оставите да го истражуваат природниот свет.

Бидете искрени со децата

Како возрасни често ги „замачкуваме“ работите што им ги кажуваме на децата. „Да се биде искрен со децата значи да им се каже што навистина мислите – добро или лошо“, вели Џесика. На пример, ако детето ви покаже цртеж, наместо премногу да упатувате пофалби со реченици како „Ти си толку неверојатен уметник“, промовирајте понатамошна дискусија преку поставување прашања, на пример, зошто детето ги одбрало тие конкретни бои. Ибен споменува и колку често имаме тешкотии да се справуваме со децата кога се лути, агресивни или анксиозни, но ако им помогнеме да учат за овие емоции, тоа може да биде многу моќно. „Читајте добри детски книги заедно. Добрите книги и искрените разговори им даваат на децата повеќе зборови за да ги дискутираат своите животи“, вели Ибен.

Промовирајте заедништво

Данците редовно практикуваат „хиде“ – време за релаксација со пријателите и семејството. Тоа е дел од секојдневниот живот во Данска. За родителите, ова вклучува време поминато со децата кое го охрабрува целото семејство да функционира заедно и да се забавува. Тоа може да биде едноставна активност како играње игра заедно.

Преформулирање на негативните ситуации

Ова е вредна вештина на која треба да ги научите своите деца. Кога детето има некоја жалба, дискутирајте го проблемот со него. „Не е поентата да се гледа светот преку розови очила, туку да се слушаат позитивните детали во приказните на вашето дете и да му помогнете да се фокусира на нив“, вели Џесика. „Ако вашето дете се жали дека го мрази училиштето, споменете го часот по уметност кој го сака. Или ако мисли дека е лошо во играње фудбал, зборувајте за неделата кога сметало дека играло добро“. „Помогнете му на детето да се фокусира на она што може да го стори, а не на она што не може“, заклучува Џесика.

Не давајте им ултиматуми

Додека немањето ултиматуми можеби изгледа како родителство без поставување граници, и Џесика и Ибен објаснуваат дека поентата е да се постават јасни правила за децата на достоинствен начин. Наместо да се практикува авторитарен родителски стил, Данците имаат начин на одржување почит. „Данските родители ги објаснуваат правилата и имаат доверба во своите деца“, вели Џесика. Ибен додава дека ако вие како родител имате чувство дека губите контрола над ситуацијата, треба да си дадете „тајмаут“. „Ако сте смирени и децата ќе бидат смирени“, вели Ибен. „Мора да го водите своето дете низ изливите на бес без и вие да имате таква епизода. Кога сте смирени, полесно е за разговарање. Дојди кај мама кога ќе бидеш подготвен/а“ – ова им дозволува целосно да ги вежбаат своите емоции, но и да се смират, па потоа да се вклучат во разговор со вас“.

Практикувајте емпатија

Сите сакаме да воспитаме деца кои покажуваат сочувство кон себе и кон другите. Во данското родителство децата се учат на почит и разбирање. „Добар начин за практикување емпатија е да разговарате за фацијалните експресии. Покажете им различни слики од некој што е тажен, лут, среќен, нервозен и срамежлив, па прашајте го вашето дете зошто таа личност се чувствува така“, вели Ибен.

Оставете ги самите да сфатат и да решат некои работи

Често родителите веднаш се вклучуваат кога нивното дете игра со друго дете што ним не им се допаѓа, но Џесика посочува да го оставите своето дете да се справи со таа ситуација. „Кога се чувствувате подготвени да се вклучите, земете воздух и повлечете се. Децата учат вештини за преговарање и како подобро да се справуваат со другите на тој начин“, заклучува Џесика.

Автор: Џенифер Чен

Извор



912

X