Честопати ги земаме животните како пример за многу работи во родителството. Се споредуваме со нив на овој начин затоа што тие функционираат врз основа на инстинкт, па можеме да видиме до кој степен имаме тенденција да му веруваме на инстинктот. Затоа често ги земаме предвид моделите од животинскиот свет за да прикажеме различни стилови на родителство. Еден од нив е родителскиот стил „делфин“.

Кога првпат ќе помислите на делфините, ги доживувате како весели, малку будалести животни кои сакаат да се шегуваат и да испуштаат звуци што кај вас предизвикуваат насмевка. Сепак, мајките-делфини се однесуваат многу заштитнички кон своите младенчиња. Иако, се разбира, се оставени сами на себе во длабочините на морето, младенчињата често пливаат со мајките. Имено, мајката плива со младенчињата со цел да им го олесни пливањето. Мајката ги дои младенчињата неколку години, а со неа остануваат до пубертетот.

Дали ова значи дека родителот-делфин е всушност еден од оние родители што ги отстрануваат сите пречки за своите малечки? Не. Делфините се интелигентни суштества познати по својата игривост и голема дружељубивост. Стилот на воспитување на делфините се базира на рамнотежа и тие се водени од желбата да им помогнат на децата да растат за да стекнат здрава независност и емоционална интелигенција. Филозофијата за овој вид родителство всушност има многу смисла.

Овој вид родителство го воведе психијатарот Шими Канг во книгата „Начинот на делфините: Водич за родители за воспитување здрави, среќни и мотивирани деца, без да се претворите во тигар“. Во книгата тој ги опишува родителите-делфини како оние што одржуваат рамнотежа во животот на своите деца за нежно, но авторитативно да ги водат кон здравје, среќа и успех. Нешто што би сакале да го постигнете, нели?

Она што е клучно во тој опис на родителството е зборот „авторитативно“. Попустливото родителство става премногу акцент на потребите на детето без да обезбеди структура, создавајќи деца кои мислат дека имаат право на сè, па децата не се отпорни на ништо. Ставањето премногу акцент на структурата без соодветно разгледување на потребите на детето веќе би било авторитарно родителство. Авторитативното родителство е здрава средина.

Она што го издвојува родителството-делфин од другите авторитативни поттипови е тоа што ги нагласува откривањето и истражувањето, додека други се фокусираат повеќе на чувството на сигурност кај децата. Се разбира, родителите-делфини сакаат нивните деца да се чувствуваат безбедно. Тие само му даваат малку помал приоритет отколку, на пример, родителите-слонови.

Ако сакате да знаете дали сте родител-делфин или ако сакате да го прифатите овој стил на воспитување, во продолжение ви нудиме практики кои можат да ви помогнат во тоа.

Разговарајте за емоциите

Делфините се суштества кои разговараат. Тие можат да комбинираат широк спектар на крици, а научниците мислат дека можат дури и да пренесат емоции преку звук. Ако се угледате на овие водни цицачи и ги вокализирате вашите емоции, тоа е од корист и за родителите и за децата. Истражувачите неодамна открија дека како што се зголемува нивото на емоционалната интелигенција на родителите, така се зголемува и нивната преференција за авторитативен стил на родителство.

Со други зборови, родителите кои подобро ги знаат своите емоции, ги разбираат, можат да ги изразат и подоцна да ги регулираат, имаат тенденција да имаат идеална рамнотежа помеѓу авторитетот и нежноста. Зборувањето за емоциите е добро за моделирање на емоционалната интелигенција кај децата. Зборувањето за она што го чувствуваат им помага постепено да научат сами да ги именуваат и обработуваат своите емоции.

Дозволете му на вашето дете да прави грешки

Ако им дозволиме на децата да прават грешки, учењето од тие искуства и развивањето на способноста да издржат низ соодветните нивоа на непријатност може да им помогне да научат да практикуваат здрави вештини за справување.

Важно е да си ги поставите овие прашања: Дали му дозволувам на моето дете да го направи она што може да го направи за себе? И ако не, зошто?

Некогаш едноставно не правете ништо

Делфините сакаат да играат. Значи, еве одлична родителска задача: опуштете се. Мора да имате време кое ќе биде резервирано за ништо. Понекогаш само лежете на каучот за да им покажете на децата дека продуктивноста не е најважна работа во животот.

Бидете свесни за вашите вредности и посветете им се

Немаме сите исти цели кон кои се стремиме. Исто така, немаме сите исти цели за нашето семејство, вклучувајќи ги и нашите деца. Можеби овој тип родителство не е за вас. Ако видите дека нема смисла во вашето семејство, со вашите деца, откажете се, бидејќи тоа може да биде само извор на фрустрација. Се разбира, немаме сите иста визија за успех. Некој сака неговото дете да биде успешно како емотивно стабилно дете кое може да се стане по секој удар. Некој друг сака неговото дете да се запише на најдобриот факултет. И ниту едното не е погрешно. Воспоставете ги вашите вредности, желби, цели, а потоа размислете каков би бил стилот на родителство што би ви одговарал. Не опстојувајте во она што не ви одговара.

Извор



912

X