Сум имал илјадници клиенти од целиот свет во мојот бизнис за управување со пари. Ако сте добар слушател, луѓето сакаат да зборуваат за себе, за нивните семејства – и најдобро од сè, да даваат секаков вид совети за родителство.

Ова се седум безвремени совети за родителство, засновани врз моето сопствено искуство (имам три деца и пет внуци), како и од луѓе што воспитале паметни, успешни и грижливи деца.

1. Споделете ја вашата семејна историја

Децата треба да знаат кои се и од каде потекнуваат.

Кон крајот на 80-тите години на 19 век дедо ми пристигнал во Бостон, не знаејќи да зборува англиски. Тој и неговите пријатели, кои живееле во стан, работеле од својата шестгодишна возраст.

Моите деца беа воодушевени од овие приказни. Моите внуци? Уште повеќе.

Кажувајте им на вашите деца приказни за тоа кога сте биле млади, кога биле млади вашите родители, вашите предци. Затоа што, на крајот, кога ќе пораснат, ќе го имаат тоа чувство на поврзаност и ќе станат љубопитни за своето минато.

2. Бидете доследни

Ако јас и сопругата имавме една фраза што се трудевме да ја пренесеме во нашата филозофија како родители, тоа беше „доследност“.

Не праќаме измешани пораки. Во одделот за причини и последици, ако казната за лошо однесување беше, на пример, „без телевизија во текот на викендот“, ние никогаш не се поколебавме – без оглед на молењето и плачењето.

3. Научете ги за парите, но не бидете досадни

Игрите што промовираат финансиска писменост можат да ги научат вашите деца многу за животот, бизнисот и моќта на нивните сопствени набљудувања.

Еве една забавна: Почнете со објаснување за берзата, како компаниите дозволуваат парите да растат и да напредуваат и како можат да имаат корист ако купат акции во вистинските области. Потоа кажете им: „Речиси секој производ што го користите или консумирате има компанија од која можете да купите дел. Ако компанијата просперира, можете и вие“.

Родителите избираат компанија и се преправаат дека ја купиле. Детето бира компанија врз основа на она што го сака, како „Дизни“.

Следете ги акциите една година, а лицето што има најголема добивка по процент победува. Поразениот го мести креветот на победникот три недели. Или изберете некаква награда.

4. Слушајте

Сум сретнал стотици родители и на сите им го поставував истото прашање: Која е најважната работа во родителството? Дај ми брз одговор, прво што ќе ти падне на ум.

Актерка со две деца рече: „Расчистувањето. Ќе направиш грешки. Важно е како се справуваш со расчистувањето од тие грешки“.

Поранешен декан на универзитет ми рече: „Овозможи им да имаат доверба во себеси“.

Една жена, претседател на њујоршка фондација, рече: „Дајте им добар пример“.

Но, најчестиот одговор што го добивав е едноставен: „Слушајте“. Слушањето ја поттикнува нивната самодоверба и ја прави вашата врска безбедно засолниште за нив.


5. Ако сте баба и дедо, научете ги работи што нивните родители не ги научиле

Имам блиска пријателка која е баба и секогаш го кажува своето мислење. Има високи стандарди за своето семејство. На своите деца постојано им раскажува дел од нејзините мудрости што децата не ги слушаат од своите родители. Можеби мислите дека некои од нив се бескорисни, но секоја од нив засадува семе за животното однесување:

– Седи исправено.
– Погледни ги врвовите на зградите во странските градови, а не само земјата.
– Научи како да танцуваш валц.
– Никогаш немој да носиш бисери пред пладне.
– Ти си она што го читаш.
– Досадно им е само на досадните луѓе.

6. Натерајте ги да размислуваат

Ова го научив од едни баба и дедо. Во текот на летните викенди тие ги канат своите деца и внуци на вечера во нивниот дом. Секој седи на големата тркалезна маса. Разговорите треба да бидат суштински и сите да учествуваат. Дедото ќе каже тема од типот: Што мислиш, која улога треба да ја има потпретседателот на САД? или: Која е твојата најомилена книга на сите времиња? или Дали си имал наставник кој те инспирирал?

Речиси како игра: сите се целосно ангажирани и со нетрпение чекаат да одговорат.

7. Пишувајте им писма

Во последните седум години пишувам книги насочени кон младите луѓе и од моите читатели добивам текстуални пораки и електронска пошта. Но, моето внимание најмногу го привлекуваат личните пораки испратени по пошта.

Ако вашите деца повеќе не живеат во вашиот дом, испратете им рачно напишано писмо за да им кажете дека мислите на нив. Овие писма ќе им го разубават денот.

Автор: Џон Д. Спунер
Извор



912

X