Цуцлите се лесна мета на „родителската полиција“ – многу видлив фокус на нивното осудување.

Една жена која била дел од  локална група на нови мајки, непријатно била изненадена кога една од членовите во групата ја осудила заради нејзиното искуство со користење цуцла за своето дете. Мајката се вклучила во родителски форум на платформата „Редит“ за да објасни што се случило и да побара совет.

„Посетував група на мајки чија основа беа часови за бременост“, напишала новата мајка. „Навистина уживав бидејќи тоа беше шанса да излезам од дома и ми се допаѓаа некои од жените што исто така одеа таму“.

Објаснила дека нејзиното бебе било чувствително и кенкаво. Кога нејзина пријателка предложила на детето да му се даде цуцла во текот на вечерта, тој чекор направил голема разлика.

„Тој совет буквално ги промени нашите животи“, рекла мајката. „Бебето се смири, неговите проблеми со стомакот исчезнаа и конечно почнав да уживам во родителството“.

Најлошиот совет

Оваа мајка сретнала уште една мајка од групата која имала сличен проблем. Ѝ кажала за нејзиното искуство со сопственото бебе и како цуцлата многу им помогнала.

„Според водичот на групата, јас го дадов најлошиот совет и го уништувам моето дете за цел живот“, напишала оваа мајка. Била осудена од страна на другите, а само сакала да помогне и зборувала од сопственото искуство. „Плачев поради тоа, но најмногу од сè сум гневна“, додала мајката. „Луѓе како неа намерно се задржуваат или испраќаат осуда за можни решенија само затоа што тие самите сметаат дека доењето е нешто свето“.

Спасувач на живот

Таа забележува дека токму заради цуцлата, успеала да продолжи да го применува доењето, а не спротивно – цуцлата да ги саботира нејзините напори.

„Пред да користиме цуцла, бев спремна да се откажам. Не тврдам дека цуцлата беше единственото решение, реков дека можеби нема да успее со бебето, но дека е вредно да се проба ако бебето е под стрес и ако има болки од краткото хранење кое се применува повеќе пати во неколку часа“.

„Обично се залагам за тоа што го мислам, но изморена сум да бидам засрамувана поради сопствените избори, наместо да имам искрени разговори за хранење преку цуцла, за вештачко хранење, за тренинг и рутина за спиење итн.“

Таа вели дека нема да се врати во групата и е на граница да развие постнатална депресија поради недостиг на поддршка и постојано осудување.

„Доаѓаат мајките! Фуј!“

Добро е што другите од форумот каде што ја објавила својата приказна можат да ја видат вистината за ситуацијата и да упатат љубезни зборови и емпатија, како и охрабрување до оваа мајка.

„Луѓето што ве засрамиле се смешни“, напишал еден корисник. „Цуцлите постојат со причина. Безбедни се, помагаат и се масовно користени. И ми помогнаа да издржам со првото дете, кое константно врескаше. Згора на сè, лекар ми кажа да користам цуцли. Советот е вообичаен и реален. Не заслужувате да се чувствувате лошо поради користењето на цуцли“.

„Многу ми е жал!“, искажал жалење друг корисник. „Имав проблеми со доењето на почетокот и бев загрижена во врска со одлуката дали да му дадам цуцла на бебето. Најдов одличен консултант преку ординацијата на педијатарот. Рече дека истражувањата покажале оти нема такво нешто како конфузија на брадавиците. Моето дете има 11 недели и може да преминува од градите на цицање со цуцла без никаков проблем и без последици. Дома го дојам, а за во градинка има три шишенца со млеко. Нема никакви проблеми“.

„Ова е толку смешно. Моето бебе е зависник од цуцли уште откако е три дена старо, а исто така го дојам. Цуцлата нема никаков ефект врз неговото доење и е вистинска магија што цуцлата веднаш го смирува“.

„Цуцлите се супер, бидете среќни ако вашето бебе користи цуцла. Тие се спасувачи на живот , за да го задржите и вие разумот, а и да паузирате од цицањето“.

Автор: Пип Линколн



912

X