Родителите во Тексас се борат да ги заштитат своите деца во текот на неделата со поларно ниски температури и снежни бури. Милиони семејства се останати без чиста вода за пиење, храна или електрична енергија. Речиси половина од популацијата на земјата доби препораки да ја преврива водата. Електричната енергија постепено доаѓа, но семејствата се трудат на секој можен начин да се загреат, особено оние што имаат мали деца.

Многу родители презеле драстични мерки во таа насока – откако енергетската компанија ЕРКОТ објавила порака на „Твитер“ дека разбираат колку е тешко да се остане без електрична енергија во вакви услови, еден татко одговорил:

– Со сета почит, но мислам дека не разбирате колку е тешко ова. Морав да го ставам креветчето од моето бебе во огнот за да ја одржувам топлината во домот. И сега почнавме да гориме играчки (дрвени блокови). Без струја сме од понеделникот. А претходно ни беше исклучена струјата од четврток до недела.

Можете ли да го замислите очајот на тоа семејство кога ја донело одлуката дека мора да го изгори креветчето на своето дете за да се стопли? Друга жена објавила твит:

– Само што направив вечера за 6 деца со светло од свеќи, па добро би било ако Тексас повторно се осветли. Таа споделила фотографија од ситуацијата.

Мајк Хиксенбау, репортер од „Ен-би-си њуз“, опишал како му го спасил животот на својот син:

– Минатата ноќ откако снема струја и моите цевки пукнаа, моето дете почна да се задушува со кикиритка во нашиот неосветлен дом. Побрзавме да го однесеме по смрзнатите патеки надвор до итна хирургија во болницата каде што нема доволно притисок на водата за да се пушти вода во тоалетите. Тексас е катастрофа. Подоцна споделил нови информации за здравјето на својот син: „Ви благодарам на сите. Мојот син е добро утрово. Едно појаснување. Болницата нема вода. Носат резерви. Сестрите и медицинскиот персонал се исцрпени – многу од нив се оддалечени од семејствата кои се заглавени во смрзнати домови, но вршат одлична работа грижејќи се за моето синче“.

фото извор: AP Photo/LM Otero/ ABC7 Chicago

Друга мајка, пак, опишала дека ги гори сите предмети во домот за да ги стопли децата. „Буквално изгорев сè што е дрвено за да им биде топло на децата“.

Жена од Тенеси опишала како таа и членовите на семејството се обидуваат да стопат снег за да имаат вода да пуштат во тоалетите.

– Се обидуваме да го стопиме снегот за да пуштиме вода во тоалетот. Но, се разбира дека има трева и лисја во водата, па мора тоа да се пречисти. Каков хаос во Тексас – напишала таа.

Друг родител објавил твит: „Сè уште немаме струја. Имаме неколку свеќи. Ни помагаат малку да се згрееме. Изморена сум. Да, други места се справиле со студот. Но, Тексас не е изграден за студ. Изграден е за топло време. Мојот дом не задржува топлина долго. Моите деца се изморени и смрзнати. Јас сум исцрпена, сакам ова да заврши. Среќни сме што децата се на безбедно. Благодарна сум за тоа“.

Автор: Џејми Орсини

Извор



912

X